Трка „Прв до врв 2018“ в недела на Водно

Трки во планинско трчање, планински велосипедизам и друмски велосипедизам в недела на Водно ќе се одржат по шестти пат во организација на здружението за спорт и рекреација Прв до врв во соработка со градот Скопје и со поддршка на деловната и општествената заедница.

На програмата на „Прв до врв 2018“ се трки во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот, по завршувањето на трките на кој е предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартовите на трките се закажани во 9 часот и 45 минути кај Музејот на град Скопје за велосипедистите, и во 10 часот кај основното училиште Кочо Рацин за оние кои ќе се натпреваруваат во трчање и планинарење.

Годинава, како што најавуваат организаторите, се очекува да учествуваат над две илјади натпреварувачи со најголем број на учесници од странство досега.

Пријавувањето за учество е се уште отворено преку веб страната www.prvdovrv.mk. Регистрираните учесници ќе можат да ги подигнат своите стартни пакети во четврток, петок и сабота на плоштадот Македонија, а оние кои доаѓаат од другите градови и држави истото ќе можат да го сторат и во недела, на денот на трката, од 8 до 9 часот кај ОУ Кочо Рацин.