Трипуновски: Олово, кадмиум и арсен, тешки метали пронајдени во домат и крставица

Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија, рече денеска на прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство при ВМРО-ДПМНЕ. 

Тој вели дека во извештаите кои стигнале до него, а се за анализа на определување на макро и микро елементи и елементи во трага,  е детектирано присуство на тешки метали во домат и крставица.

- Во денешниве извештаи кои ги презентирам се официјални документи архивирани и потпишани од ДФЛ односно од МЗШВ  во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен. Првиот извештај се однесува на направена анализа на домат, нарачател е АХВ , примерокот е земен на 28.05.2023, а анализата е извршена на 30.05.2023 година. Она што сакам да го презентирам пред јавноста е што во оваа анализа на домат констатирано е присуство на кадмиум од максималните дозволени количини 0,05 мерни едници, во извештајот се детектирани 1,34 мерни единици. Ова е за 27 пати над дозволените количества кои што треба да ги има овој производ. Вториот хемиски елемент, тежок метал олово согласно правилникот за максимално дозволено ниво е 0,10 мерни единици, а во овој резултат количеството на детектирано олово е 4,48 мерни единици или за 45 пати над дозволената граница. Вториот резултат од ДФЛ се однесува на примерок од крставица, нарачател за земање примерок е АХВ, земен примерок на 28.05.2023 година, а датум на завршување на анализата е 30.05.2023 година. Овде во овој резултат се детектирани три хемиски елементи, односно тешки метали. Првиот е арсен каде што согласно правилникот не е дозволено присуство на овој тежок метал во храната. И во резултатот е детектирано 2,0 мерни единици, што е катастрофален податок, појасни тој. 

Предупреди дека ситуацијата е загрижувачка и алармантна.

- Апелирам за внимателност од страна на граѓаните, бидејќи истите производи најверојатно веќе се пуштени во промет низ цела територија на државата, што значи дека веќе граѓаните ги консумираат. Бабовски и Николовски го трујат сопствениот народ. Овие метали пронајдени во доматот и крставицата можат да се акумулираат во телото со текот на времето и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, рече Трипуновски. 

- Бабовски и Николовски мора да понесат одговорност, рече Трипуновски на прес-конференцијата.