Тримесечна обука за 30 млади пожарникари

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска, присуствуваше на првиот час од обуката за образовниот профил - професионален пожарникар во СУГС „Марија Кири - Склодовска“.

- Од Министерството за образование и наука, ова училиште доби верификација за реализација на наставниот план и наставните програми во специјалистичкото образование, односно петто ниво на стручна квалификација за образовниот профил - професионален пожарникар од хемиско - технолошката струка. Се надевам дека сите Вие коишто успешно ги поминавте психофизичките тестови успешно ќе ја завршите и оваа обука и ќе станете професионални пожарникари коишто ќе ги штитат човечките животи и материјалните добра на граѓаните. Ви пожелувам успешно да ја завршите обуката и се надевам дека ќе бидете успешни во работата како и претходните кандидати коишто поминаа ваква обука - им порача Градоначалникот Трајановски на младите пожарникари коишто ќе ја следат обуката.

Обуката за образовниот профил - професионален пожарникар согласно со склучениот Договор со Град Скопје ќе ја следат 30 кандидати вработени во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Образовниот процес ќе се состои од 4 (четири) подрачја и тоа: општо - образовно подрачје, стручно - теоретско подрачје, посебно - стручно подрачје и подрачје специјалистичка практика.

Воспитно - образовниот процес ќе се одвива во посебна, специјализирана училница којашто е опремена со сите потребни наставни средства, помагала и нагледни средства (учебници, топографски карти и друго) коишто ќе се користат во текот на наставата.

Градоначалникот Трајановски истакна дека наставата ќе опфати 720 наставни часови, во период од минимум 3 (три) месеци. Кандидатите коишто посетуваат настава по завршувањето ќе полагаат завршен испит и ќе добијат Диплома за положен завршен испит во специјалистичкото образование. Исто така, изрази уверување дека овие млади пожарникари ќе бидат достојна замена за постарите колеги.

Градоначалникот Трајановски го најави и отворањето на два нови пункта на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во Цементарница и во Шуто Оризари.

Звонко Томески, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје истакна дека со нетрпение ги очекуваат новите колеги затоа што просечната старост на бригадата е 45 години.

Наставата ќе ја изведуваат наставници од училиштето, надворешни соработници (предавачи и лица од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје) коишто се избрани по пат на јавен оглас и спроведена постапка.

За спроведување на оваа обука од Буџетот на Градот Скопје се издвоени 1.000.000,00 денари.