Трикови кои ќе ви помогнат да ја победите главоболката

Доколку сте од оној тип на луѓе кои при првиот знак на главоболка посегнуваат по таблетите, Ви предлагаме неколку здрави начини како да ја спречите и излечите оваа непријатна состојба.

Помалку стрес

Дали главоболките стануваат почести кога имате несогласувања на работа, во семејството или пак со пријателите? Поради ова најдобро е да ги избегнувате сите стресни ситуации, иако тоа понекогаш се чини невозможно. Пробајте да ги решите проблемите смирено, со тоа што ќе сфатите дека секој проблем е минлив и дека ништо на светот не е побитно од Вашето здравје. 

Смејте се повеќе, направете нешто за себеси и поминувајте повеќе време со личности кои Ве прават среќни, бидејќи понекогаш е доволно само едно кафе со близок пријател да Ви го смени расположението.

Движете се почесто

Свежиот воздух е секогаш решение за стресните проблеми кои создаваат главоболки. Излезете од вашата канцеларија, прошетајте во природа и едноставно дишете чист воздух. Вежбањето во фитнес сала може да помогне, но истовремено корисна е и прошетката во природа.

Повеќе сон

Одбегнувајте седење пред компјутер до доцна во ноќта или гледање телевизија. Ваквите навики ги зголемуваат шансите за главоболка. Исто така, не претерувајте со спиење - бидете умерени со сонот.

Пушење цигари и алкохол - големо НЕ!

Пушењето цигари доведува до намалување на кислородoт во организмот, што доведува и до појава на главоболка. Иако многумина пушачи сметаат дека главоболката исчезнува веднаш откако ќе запалат цигара, истите не се свесни дека се работи за привремено чувство.

Главоболката предизвикана од мамурлак знае да биде здодевна, па затоа треба да бидете умерени кога пиете алкохол. Од друга страна, една чаша вино може да ја смири галвоболката.

Не претерувајте со кафе

Пиењето кафе делува различно кај секого. Додека за некои поголемата количина кофеин може да предизвика главоболка, за некого шолја кафе може и да ја смири истата. Затоа е најдобро сами да одредите колкава количина на кафе во денот Ви одговара.

Проверете го видот

Уште една причина поради која може да имате главоболки е слабиот вид. Доколку Вашиот вид со текот на времето станува послаб, а главоболките стануваат почести - посетете очен лекар.

Земете лекови

Ако имате чести главоболки кои не поминуваат лесно, а ниеден од претходните совети не Ви помага, тогаш најдобро е да посетите лекар или да се напиете некоја полесна таблета против болки.