Тридневен хакатон за креирање игри за најмладите

Тридневен хакатон за заедничко креативно и техничко подготвување едукативни игри, материјали и содржини за деца од три до десет години ќе се одржи од 18 до 20 јули во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Хакатонот е во рамките на проектот „Создавање средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку кокреирање и иновации“ финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на обрзованието и УНИЦЕФ, а го спроведува Смартап – лабораторијата за социјални иновации.

Организаторите ги покануваат да се пријават сите креативни гејмери, девелопери, графички дизајнери, артисти и ентузијасти од секаков тип, кои би сакале да креираат игри наменети за најмалите. Пријавувањето може да биде индивидуално или во тим од три до пет учесници.

Како што најавуваат од Смартап, ова искуство ќе биде во опуштена и пријатна атмосфера, со многу дружење, можност за стекнување нови знаења и вештини, вмрежување и заедничко креирање игри за најмилите.

Целта е изработката на нова национална веб-платформа што треба да прерасне во дом на голем број материјали за едукација. Платформата ќе биде место каде што одделенските наставници, воспитувачи и родители ќе можат да ги пронајдат потребните материјали и инспирација за подобро спроведување на часовите, нови начини на учење преку игра.