Триаголник на животот: Овие совети ќе ви го спасат животот во случај на земјотрес!

Пред точно две години, после силниот земјотрес во Мексико многу деца загинаа токму поради лошата позиција којашто ја заземале, па токму затоа директорот на Американскиот меѓународен тим за спасување одлучил да ги посоветува луѓето како да се спасат во вакви моменти.

Во текот на последните неколку денови сме сведоци на повеќе земјотреси коишто го потресоа Скопје, но освен во Скопје, тлото се тресеше и во Србија, Бугарија, Грција, Италија и Турција.

Земјотресот со интензитет од 5.3 степени според Рихтеровата скала секако не е нешто на кое сме навикнати секојдневно, а последичните земјотреси уште повеќе предизвикаа паника кај сите нас. 

Но, најважно нешто во случај на земјотрес е за човек да остане колку што е можно поприсебен и да знае како точно да се засолни, а тоа би можело да биде и од животно значење!

Даг Коп е директор на Американскиот меѓународен тим за спасување од катастрофи (ARTI), кој важи за најискусен спасувачки тим во светот. Бидејќи и самиот бил сведок на страшни сцени во коишто луѓето гинеле токму поради погрешни потези во текот на земјотресите, тој одлучил да ги сподели своите совети во врска со тоа што би требало да се преземе за да си го спасите сопствениот, но и животот на тие кои се во ваша непосредна близина.

Како што го наведува своето искуство од училиштето во Мексико, секое дете кое било сокриено под столче било буквално здробено, додека кога би легнале во просторот помеѓу столчињата би можеле тоа и да преживеат, а тој факт го ужаснувал.

- Едноставно кажано, кога зградата се руши, тежината на плафонот паѓа на објектите или мебелот, така што ги дроби или уништува, но просторот веднаш покрај тие објекти останува празен – значи не под нив. Тој простор го нарекувам триаголник на животот. Колку е тој објект поголем и поцврст, помалку ќе се набие, а со тоа ќе остави и поголема слободна површина покрај него, а со тоа и поголема веројатност дека личноста којашто ќе се сокрие тука ќе помине без посериозни повреди. Па, следниот пат кога ќе видите срушени згради на телевизија или интернет, пребројте ги триаголниците коишто настанале. Ги има буквално насекаде. Тоа е чест облик кај срушените згради, наведува Коп.

Во меѓувреме, турската влада, градот Истанбул, Универзитетот во Истанбул и ARTI соработувале со цел да го снимат ова и практично. Тие урнале училиште и куќа со 20 кукли внатре. Притоа, десет кукли биле распоредени според старата метода за заштита "склупчи се и сoкриј се", а десет кукли биле поставени според неговата метода за опстанок "триаголник на животот". По уривањето на објектите со симулиран земјотрес тие буквално ползеле низ урнатините и влегле во зградата за да ги снимат и документираат резултатите.

Притоа, било очигледно дека според методот "склупчи се и сoкриј се" ("duck and cover") има нула проценти преживување, додека преживувањето со користење на методот "триаголник на животот" има веројатност на преживување од 100 проценти. 

Овој филм е погледнат од милиони гледачи најпрво во Турција па и пошироко во Европа, а потоа и во САД, Канада и Латинска Америка.

Прочитајте ги и сите правила на Даг Коп за преживување:

1. Секој кој едноставно се "склупчува и сокрива под нешто" кога објектот се урива, ќе биде здробен - секој пат, без исклучок. Луѓето кои се кријат под предмети како бироа или автомобили, секогаш се здробени, и тоа без исклучок!

2. Животните и малите деца природно често се виткаат во положба на фетус. Вие треба исто така да постапите во случај на земјотрес. Тоа е природен безбедносен инстинкт за опстанок. На тој начин може да преживеете во помал празен простор, покрај некој објект, во близина на тросед, до некој голем гломазен објект што ќе се набие малку, но остава доволно простор за сокривање покрај него.

3. Дрвените згради се покажале како најбезбеден вид на градба за време на земјотрес. Причината е сосема едноставна - дрвото е флексибилно и се движи со силата на земјотресот. Ако дрвената зграда се урне, се создаваат поголеми празнини за опстанок. Исто така, дрвената зграда има помалку концентрирана тежина што дроби. Зградите пак коишто се изградени од тули се раздвојуваат на поединечни тули, а тулите предизвикуваат многу повреди, но помалку натиснати тела за разлика од бетонските плочи кои имаат поголема тежина.

4. Ако пак во момент на земјотрес сте во кревет едноставно стркалајте се од него. Безбедносна празнина постои околу креветот.

5. Ако се случи земјотрес додека гледате телевизија и не може лесно да избегате на врата или прозорец, легнете и склопчете се во фетална позиција покрај троседот или некое друго поголемо парче мебел.

6. Секој оној пак којшто, според старите верувања, стои под врата кога зградата се урива е убиен. Зошто е тоа така? Едноставно - ако стоите под вратата и ако рамката падне нанапред или наназад ќе бидете здробени од таванот, додека пак ако падне на страна ќе бидете преполовени од вратата. Во секој случај, шансите за да преживеете се минимални!

7. Никогаш не одете по скали. Навистина никогаш! Тие имаат различна "фреквенција", a тоа се значи дека се лулаат одделно од главниот дел од зградата. Скалите и остатокот од зградата постојано се судираат едни со други се додека не се срушат. Луѓето пак кои се наоѓаат на скали за време на земјотрес, пред скалите да паднат најверојатно ќе бидат исечени од скалилото или можеби ужасно повредени. И иако можеби ви се чини дека зградата нема да падне, држете се понастрана од скалите. Скалите се најверојатниот дел од зградата што ќе биде оштетен - дури и ако не паднат од земјотресот, може да паднат подоцна, кога ќе бидат преоптоварени со луѓе што панично бегаат!

8. Приближете се на надворешните ѕидови на зградата или надвор од неа, ако е можно - многу е подобро да се биде во близина на надворешноста на зградата, отколку во внатрешниот дел. Така значајно го олеснувате спасувањето и излезот од зградата.

9. Луѓето пак кои се затекнале во своето возило за време на земјотрес на автопат ќе бидат здробени кога патот над нив ќе падне за време на земјотресот и ќе ги здроби нивните возила - тоа е токму она што се случило со плочите помеѓу двете нивоа на автопатот во Сан Франциско. Жртвите од тој земјотрес останале во своите автомобили - и сите загинале, но ќе можеле лесно да преживеат ако излезеле и легнеле веднаш до нивните возила - сите здробени автомобили имаат празнина до нив висока 90 сантиметри, со исклучок на автомобилите врз кои столбовите паднале директно.