Три жртви од мали сипаници, каде лежи вината?

За три дена ова е трет смртен случај. Детето од тетовско не било вакцинирано и немало хронични заболувања. Со мали сипаници најверојатно се заразило на Клиниката за детски болести каде пред три недели било на лекување поради влошено здравје.

Лекарите постојано апелираат на вакцинирање на децата но очигледно дека сипаниците го осипаа јавното здравство. Епидемијата беше прогласена во почетокот на јануари, а првите случаи се појавија уште во декември лани.

Сепак, во последните неколку денови ширењето на епидемијата е забрзано, а од 2 до 9 февруари се регистрирани новозаболени 58 лица од кои 54 се само во Скопје.

Анализата на надлежните направена во половината на декември лани, покажала дека не се вакцинирани околу 15 000 деца помлади од 16 години, па тогаш, во кампањата која е покрената се ваквинирани повеќе од 6 100 деца.

Жарко Караџовски прстот за оваа епидемија го впери во родителите.

Како што кажа тој, тие биле одговорни за  судбината на своите деца а потенцираше дека епидемијата на морбили ќе продолжи се додека не се вакцинираат или имунизираат 90% од граѓаните.

Во последните години се посилно антивакцинално лоби владее во регионот, а и кај нас од година в година расте бројот на родители кои одбиваат да ги вакцинираат сопствените деца. 

Најголем виновник за одбивноста на родителите според познавачите е токму Интернетот каде родителите може да прочитаат секави непоткрепени текстови.

Последното деноноќие на Инфективна биле потврдени 7 нови случаи со морбили. Две деца и жена на 32 годишна возраст задржани се на лекување. На Клиниката со посериозни компликации хоспитализирани се вкупно 26 пациенти, а во тешка здравствена состојба на Детска има 2 деца.

Од април дополнителни боцкања за бебињата во центрите за имунизација. Вакцините против пневмококна бактерија и рота вируси ќе бидат задолжителни за сите деца.

И додека педијатрите сметаат дека ќе има само бенефит од нови задолжителни вакцини, родители со скептицизам за најавите на здравствените власти. Иако за дел од нив имунизацијата е причина за искоренување на голем број опасни заболувања, сепак, не веруваат дека има потреба од проширување на календарот за вакцинирање.

–Не сакам да судам, ама незнам како е во други земји дали е задолжително и дали ако дете заболи од рота вируси не се толку опасни компликациите колку на пример нус појавите од вакцините..

–Не, не верувам, јас не го вакцинирам моето дете

-Секако можеби е во ред за заштита на јавното здравје, но родителите одлучуваат, велат родители.

Пневмококната вакцина е со три дози и една ревакцинација а рота вакцината ќе има две или три боцкања, но тоа надлежните ќе го утврдат по завршување на тендерот за набавка на вакцини.