Три слободни денови за свадба - новопечените татковци имаат право на два слободни дена

Доколку правите свадба ви следуваат три слободни денови, а доколку сте станале татко, тогаш добивате два дена според закон. Како што пишува Правдико, работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот. 

Работникот има право на платен одмор заради склучување на брак, раѓање на дете, што се однесува на таткото, или смрт на близок роднина, до седум работни дена.

Ова е табелата за според општиот колективен договор.

– за склучување на брак…………………………….. 3 дена

– за склучување брак на дете……………………… 2 дена

– за раѓање или посвојвуање дете……………….. 2 дена

– за смрт на сопружник или дете………………… 5 дена

– за смрт на родител, брат, сестра……………….2 дена

– за смрт на родител на сопружник…………….. 2 дена

– за смрт на дедо или баба…………………………… 1 ден

– за полагање на стручен или друг испит за потребите на работодавачот до.…………… 3 дена

– за елементарни непогоди до……………………. 3 дена

Исто така, работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република  Македонија,  кои  што се определени  како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови. Ова право на работникот може да му се ограничи, ако работниот, односно производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден. Во тој случај работодавачот е должен за секое воведување на работа на државен празник претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.  Работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата во случаи на времена неспособност за работа поради заболување или повреда и во други случаи во согласност со прописите на здравственото осигурување. 

Право на отсуство од работа со надоместок на плата има работникот заради вршење на непрофесионална функција, на која бил избран на непосредни државни избори, функции, односно должности на кои е именуван од страна на судот, како и работникот кој е повикан на должноста воен обврзник, како и на изведување на одбранбени должности и должностите на заштита и спасување, освен служење на воениот рок, или е без вина повикуван од управни или судски органи (државни советници, членови на општински совети, советници на општини, судии-поротници, судски вештаци, проценители, преведувачи, воени обврзници и друго), на товар на органот или установата каде што ја врши функцијата, односно каде што ја извршува обврската од посебен закон, пишува Правдико.

Работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв, а слободни денови следуваат и за работници кои се школуваат.