Три оштетени возила по пад на дрво кај „Млечен“

Преку телефонскиот број за итни случаи 112, до Центарот за управување со кризи (ЦУК) била пријавена интервенција поради паднато дрво на улицата „Анкарска“, во близина на реонот познат како „Млечен ресторан“ во Скопје. Според првичните информации, дрвото оштетило три паркирани возила и при падот скинало електрични и други кабли од бандера.

На местото веднаш интервенирала полицијата, а настанот е пријавен и до Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кое е задолжено за отстранување на дрвото и расчистување на улицата.

ЦУК, преку Секторот за операции и координација (СОК), веднаш ги известил и координирал сите надлежни институции, вклучително и електродистрибуцијата, за санација на настанатата штета и безбедно отстранување на откачените и оштетени кабли.