
Поминаа цели три недели од силното невреме што го зафати Скопје, а последиците и понатаму сведочат за бавната реакција на надлежните општински и градски служби. Во Паркот на новинарите, кој се наоѓа спроти поранешната зграда на „Нова Македонија“, огромно паднато дрво сè уште целосно ја блокира пешачката патека, оневозможувајќи го нормалното и безбедно движење на граѓаните.
Жителите и минувачите се принудени да бараат алтернативни патеки и да се провлекуваат околу паднатото стебло и исечените гранки кои стојат оставени на самиот пристап. Оваа состојба отвора сериозни прашања за ефикасноста на јавните претпријатија задолжени за одржување на јавните зелени површини, со оглед на тоа што станува збор за фреквентна локација во централното градско подрачје каде што проблемот останува нерешен со недели.