Три кружни крстосници во Центар

Јавната набавка за изработка на основен проект за инфраструктура и основен градежен проект на улицата Павел Шатев ќе ја спроведе Градот Скопје, согласно одредбите на Законот за јавните набавки.

Паралалено со целосната обнова на оваа улица, кај подвозникот ќе се гради една од трите предвидени кружни крстосници во овој реон.

За таа цел, минатата недела беа урнати бараките на Бирото за судски вештачења, кои се наоѓаа на улицата Јордан Мијалков.

- Овој кружен тек ќе се протега од семафорите на надвозникот во Црниче кај „Симпо“, на крстосницата меѓу „Павел Шатев“ и улицата Јордан Мијалков - објаснија надлежните.

Вториот е малку подолу од првиот, пред подвозникот кај зградата на „Макпетрол“, а третиот е планиран на крстосницата кај поранешна НИП „Нова Македонија“. Според објаснувањата, тој ќе биде најголем кружен тек изграден досега. Ќе има елипсовиден облик и ќе ги поврзува булеварите: Kлимент Охридски, Мајка Тереза, Јордан Мијалков, Свети Kирил и Методиј, Митрополит Теодосиј Гологанов, неизградениот подземен булевар на „Лимак’ и улицата Васил Ѓоргов. Иако не е прецизирано, овој кружен тек ќе има најмалку шест ленти. „Јордан Мијалков“ и „Свети Kирил и Методиј“ остануваат еднонасочни. Изградбата на трите кружни тека, според градската власт, ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во строгиот центар. Тие, всушност, се влезови и излези од подземната сообраќајница, која допрва треба да ја гради турската компанија „Лимак“ под Јужниот булевар.

Градоначалникот Kоце Трајановски за оваа година најави изградба на уште два кружни тек - во Kарпош кај „Хубо-маркет“ и кај Судска палата.