Трговците повеќе сакаат дуќан до зелен пазар, отколку во трговски центар

Трговците во Македонија повеќе сакаат да имаат дуќан во близина на зелен пазар, отколку во трговски центар.

На тоа упатува најновата публикација на Државниот завод за статистика за трговските објекти во Македонија, според која од вкупно 18.250 придавници, колку што ги има во државата, 2.299 се во близина на зелените пазари, а во трговските центри низ земјата, пак ги има вкупно 1.821. Локација на самите пазари имаат 531, а во близина на трговски центар 1.352 продавници. Во близина на железничка станица има 62, а покрај граничен премин 29 продавници.

Статистичарите пресметале дека во последните 40 години, од 1976 до лани, бројот на продавниците во Македонија се зголемил за три пати, од 6.173 на 18.250. Но и покрај експанзијата потрошувачите добиле помал простор за пазарување, а и помалку продавачи за да им ја понудат, покажат и продадат стоката. Така, според Државниот завод за статистика, растот на бројот на малопродажни објекти, логично го следи и раст на просторот за продажба, од 464.573 квадратни метри во 1976 на над 1,2 милиона квадрати лани. Зголемувањето на квадратурата е трикратно, но земено во просек по продажен објект има намалување. Од 75 квадрати пред 40 години, сега просечната продавница е намалена на 67 квадрати. Ако во далечната 1976 година во еден дуќан во просек работеле по тројца продавачи, лани ги имало по двајца.

Овие бројки покажуваат дека Македонија, дефинитивно, е потрошувачко општество кое ги следи светските трендови. Пресвртот настанува во 1996 година, кога нагло се зголемува бројот на трговски објекти, од околу 10.000 во претходната година на над 24.000. Истовремено нивната просечна површина од 77 паѓа на само 38 квадратни метри. Бројот на вработени во еден објект, пак, од три се симнува на само еден.

Во 40-годишниот период во Македонија имало најмногу продавници во 2003 година, вкупно 24.276 од сите видови, но квадратурата им била помала од сега, па една продавница во просек имала по 51 квадратен метар. Помали малопродажни објекти имало само во 1996 година, во времето на експанзијата на микро, малите и средните претпријатија, кога речиси во секоја зграда по еден подрум или стан во приземјето се претвораше во колонијалче. Тогаш, како што посочуваат статистичарите просечната големина на дуќаните во државата била само 38 квадрати.

Најголеми продавници сега се супермаркетите. Нив ги има вкупно 319, а еден во просек зазема 505,2 квадратни метри површина. Втори по големина се аутлет продавниците. Во државата ги има 16, а секоја во просек има по 144,2 квадрата. Со просечни 132,5 квадрати трети се дисконтите кои ги има 114 на број. Најмали трговски објекти се киосците, вкупно 213 со просечни 11 квадрати. Најмали дуќанчиња се оние за употребувана облека, односно секнд хенд продавниците, кои ги има 9 со по 28 квадрати. Со 0,3 квадрати повеќе од нив се фабричките продавници за храна, вкупно 16 низ целата држава, од кои половината се во Пелагонискиот регион. Во Македонија има и 80 продавници за здрава храна, од кои во просек една има по околу четириесетина квадратни метри.
Меѓу продавниците за прехранбени производи најбројни се пекарите, кои ги има вкупно 500, а меѓу оние за непрехранбени производи – аптеките, кои низ државата ги има вкупно 777. Сепак, најбројни се продавницџите за облека, 2.720, додека пак за обувки има далеку помалку, само 651.

Најмногу продавници има во Скопскиот регион, над 4.300, што е речиси три пати повеќе отколку во Вардарскиот регион, каде ги има најмалку.

Најголем дел од продавниците, или над 40 процетни од вкупниот број остваруваат промет меѓу 251.000 и 1,5 милиони денари. Само 1,3 проценти остваруваат над 250 милиони денари, а со таков промет можат да се пофалат 25 трговци со облека, седум со обувки, двајца со часовници и накит, 15 аптеки, 10 салони за мебел, пет месарници, осум пекарници, три цвеќарници, по една продавница за млечни производи, рибарница, продавница за свежо овошје и зеленчук…

Статистиката укажува и на податокот дека бројот на вработени во една продавница не се намалува поради тоа што нашите трговци го фаќаат приклучокот со модерното време. Напротив. Од вкупно 18.250 трговски објекти, само 110 имаат и електронска продажба.