Трговците од денеска сами можат да ги определат малопродажните цени на нафтата

Трговците од денеска сами можат да ги определат малопродажните цени на нафтата и нафтените деривата кои ги продаваат на нивните бензински пумпи, поради правниот вакуум предизвикан со не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов заради што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ги определува цените.

Потребата за донесување нова методологија е заради истекувањето на важноста на Анексот „Д“ што произлегува од Договорот за купопродажба на ОКТА на 8 мај годинава, според кој беше и определена и постојната методологија за определување на малопродажните цени на нафтените деривати. Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски оценува дека од денеска треба да има благо намалување на цената на бензините и иста цена или благо зголемување на цената на дизел горивата доколку се следат движењата на светската берза на нафтата. Така ќе беше, вели, и доколку се користеше старата методологија по која РКЕ досега ги определуваше малопродажните цени.

-Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат ценовен шок. Доколку  го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе во предвид, но од мојата  комуникација со  поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат  цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот, порачува Бислимовски.

Досега, додава, беше вообичаено секој втор понеделник РКЕ да определува цени за нафтата и нафтените деривати како што правеше во изминативе речиси 20 години,но ние не можеме да донесеме одлука, бидејќи Анексот Д што произлегува од Договорот за купопродажба на ОКТА од 1999 година истече на 8 мај оваа година. -Согласно постојниот Закон за енергетика е јасно наведено дека РКЕ може да донесе одлука за определување на малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати единствено по барање на носителот на лиценцата за производство и преработка на сурова нафта. Единствена компанија која има таква лиценца е ОКТА, а очигледно е дека по истекот на Анекс договорот, ОКТА нема да поднесе такво барање поради што не можеме да донесеме одлука, појаснува Бислимовски.

Во завршна фаза носењето на новта методологија за малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати

-Неопходно е да се донесат измените на Законот за енергетика кои се во собраниска процедура и веднаш по нивното носење ќе одржиме подготвителна и главна седница на која ќе ја усвоиме новата методологија. Доколку работите одат според предвидениот план очекувам цените по новата методологија да бидат определени веќе од следниот понеделник. По донесувањето на новата методологија РКЕ секој понеделник ќе ги определува цените на нафтените деривати, наместо секој втор понеделник како досега, посочува Бислимовски. Очекува цените на нафтените деривати со носењето на новата методологија да останат на приближно исто ниво како и досега.

-РКЕ ги штитела, ги штити и ќе ги штити правата на потрошувачите и апсолутно ќе ги штитиме и од ценовни шокови, но треба да се знае дека на секоја компанија што работи регулиран бизнис треба да и се гарантира и разумен профит за да може да опстои и да функционира. Со новата методологија ќе им определи маржа на трговците која ќе им овозможи да работата со разумен профит, но таа ќе биде многу помала од маржата од 11,5 отсто што беше определена за универзалниот снабдувач со електрична енергија, појаснува Бислимовски. РКЕ, прецизира, кон крајот на јануари поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за енергетика со кој повеќе нема да има потреба да се поднесува барање до Регулаторната комисија, туку РКЕ да носи одлука без било какво барање. -Измените на Законот за енергетика поминаа во Собранието, но поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов не ги потпиша, поради што се создаде краток правен вакуум. Сега се во собраниска процедура и се надевам дека во текот на неделава по вторпат ќе поминат на Собрание, по што РКЕ веднаш ќе пристапи кон усвојување на новата методологија. Сега формално правно на сила е постојниот Закон за енергетика и ние не можеме да организираме подготвителна седница за подзаконскиот акт кој во моментов не можеме да го донесеме. Веднаш откако ќе се создадат услови, односно ќе поминат изменувањата и дополнувањата на Законот ќе организираме подготвителна и главна седница на која ќе се усвои новата методологија. Доколку оди се според планот очекувам следниот понеделник Регулаторната комисија за енергетика да донесе нова методологија, оценува Бислимовски. РКЕ ќе ги надгледува постапките на трговците Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат ценовен шок. Ние ќе следиме што ќе се случува во текот на денот. Ќе ги имаме и пресметките по старата методологија, така што врз основа на тоа ќе може да заклучиме како постапиле трговците, порачува Бислимовски.

Според нашите контакти и комуникација со трговците, посочува, сите ќе продолжат да функционираат во овој бизнис, и сигурен сум дека нема да предизвикаат никакви ценовни шокови, бидејќи тоа многу повеќе би им штетело нив отколку на купувачите.

-Доколку го направат тоа при носењето на новата методологија РКЕ ќе го има во предвид таквиот однос, но од мојата комуникација со поголемите трговци на нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на овој вакуум период и очекувам трговците, како и што правеше претходно РКЕ да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот во однос на денарот, што претставуваше досега најбитна основа при носењето на нашите одлуки. Во тој дел и со новата методологија ќе немаме никакви проблеми, односно и понатаму најголемо влијание врз определување на цените на нафтата и нафтените деривати ќе имаат цените на сите деривати одделно на светските берзи, како и курсот на доларот, вели Бислимовски. Според него, по старата методологија цените на нафта и нафтените деривати отприлика требаше да бидат исти како и досега. Можно е да имаше мали поместувања со мало намалување на цената кај бензините, а цената на дизел горивата да остане иста или малку зголемена. -Какви ќе бидат цените по новата методологија во моментов е тешко да се каже, бидејќи ни фалат уште неколку параметри. Методологијата е подготвена, но правиме дополнителни анализи за одредени елементи кои би се земале во предвид, ги проверуваме премиите, односно маржата што ја плаќаат домашните трговци кон странските трговци кога увезуваат нафта и нафтени деривати. Исто така, правиме последни анализи за трошоците за транспорт од земјата од каде увезуваат до нивните складови во државата. Има трговци кои увезуваат од солунското пристаниште, но и кои увезуваат од Бугарија, Србија, и мал број од Албанија. За сите овие земји трошокот за транспорт е различен, но ние при нашите анализи ќе направиме еден пондериран трошок за да можеме да ги опфатиме на реално ниво трошоците, потенцира Бислимовски . Се разбира, додава, дека ќе има и незадоволни трговци, но ние не можеме да опфатиме се со методологијата.

-Досега со постојната методологија профитна маргина која беше гарантирана на производителот изнесуваше 29 долари за тон. Таа му беше гарантирана на производителот ОКТА. Од 2013 година ОКТА повеќе не произведува нафта во нашата држава, но треба да се има во предвид дека трговците кои не купуваа од ОКТА плаќаа премии на трговците од кои увезуваа. Тие согласно постојната методологија не беа земени во предвид, а и трошокот за транспорт беше малку поинаков отколку со новата методологија што ќе биде. Со постојната методологија беше јасно дека суровата нафта се носи од солунското пристаниште за преработка во рафинеријата. Така што некои трошоци кои претходно не постоеја сега треба да ги предвидиме во новата методологија, вели Бислимовски. Обврската за откупување 500 илјади тои мазут годишно најштетна во Договорот за купопродажба на ОКТА Според претседателот на РКЕ, најголема штета од Договорот за купопродажба на ОКТА како држава имаме добиено од обврската за мазутот. Државата беше обврзана да откупува 500 илјади тони мазут на годишно ниво.

-Купопродажниот договор на ОКТА е најмногу штетен во однос на обврската за мазут и немало никакви проблеми во однос на методологијата за продажба на нафтените деривати што се применуваше досега. Проблемот бил и останал со обврската со откуп на мазутот. Како држава веќе еднаш во 2009 година исплативме 40 милиони долари отштета за не спроведувањето на обврската за мазутот. Сега е стигнато повторно ново побарување од 32 милион долари и тоа е испратено до истата арбитража која во 2009 година решила да се плати отштета од 40 милиони долари заради не трошење 500 илјади тони мазут годишно. Најголема штетност на договорот е во тој дел, порачува Бислимовски. ОКТА, додава, е купена за околу 32 милиони долари, а само врз основа на исплатата од 2009 година сме им ги вратиле парите и плус сме им дале осум милиони долари, а сега треба да исплатиме уште нови 32 милиони долари вклучувајќи ги и каматите.

-Кој бил тој што дал такво предвидување дека земјава ќе троши 500 илјади тони мазут годишно во услови кога гасоводот во 1999 година се привршувал и кога цената на светските пазари на електричната енергија била 28 до 32 евра за мегават час и кога производството на ТЕЦ Неготино со мазут било повеќе од двапати поскапо отколку домашната цена или увезената цена која ја плаќала тогаш државата за електрична енергија. Тој што го дал тој предлог и нанел огромни штети на државата, а уште повеќе и тие што застанале позади тој договор кој бил поминат и на Влада и ратификуван во Собрание. ОКТА била купена за 32 милиони долари, а сега само по основа на обврската за мазутот ние ќе и исплатиме минимум 75 милиони долари. Тоа значи дека ние не сме добиле пари за ОКТА што сме ја продале, туку на тие што ја купиле сме им исплатиле преку 30 милиони долари. Ако има некаде во светот таква пазарна логика јас ќе ги повлечам сите овие зборови што ги кажав, нагласува Бислимовски. ОКТА можела да работи профитабилно и доколку останела како државна компанија Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски тврди дека ОКТА и како државна компанија можела да работи профитабилно со методологијата за определување на малопродажните цени за нафтата и нафтените деривати што се применуваше досега, бидејќи и се предвидуваше одреден профит. Тоа, според него, е во ред, бидејќи во сите методологии не само тука, туку и во Европа и во светот на секоја регулирана компанија и се предвидува профит. -Јас ви тврдам дека со оваа методологија што ја применувавме 20 години и ОКТА како државна компанија ќе работеше стабилно и нормално со профити вообичаени за овој бизнис. Особено ова ќе го имаме во предвид при носење на новата методологија. Ние не сакаме да им правиме проблеми на трговците во нашата држава, кои се македонски компании кои вработуваат многу луѓе и им овозможуваат и на транспортните компании кои ја превезуваат нафтата да можат да работат со профит. Сакаме сите да работат со профит, но тој да биде разумен. Маржата што ќе ја имаат ќе биде пониска од таа која се доби на тендерот за електрична енергија при изборот на универзален снабдувач. Со новата методологија ќе нема никакви ценовни шокови. Ги правиме последните анализи и она што е сигурно е дека граѓаните кога ќе влезе во сила новата методологија нема да плаќаат поскапи цени на горивата. Тоа го тврдиме ние од РКЕ, потенцира Бислимовски. Со новата методологија,оценува, со цел да обезбедиме стабилност, предвидливост и кај компаниите и кај потрошувачите одлуките ќе ги носиме секои седум дена наместо секој втор понеделник како досега. -Доколку ги анализирате влезните цени секаде тие зависат од цената на нафтата на светските берзи и курсот на доларот во односно на денарот. Тие имаат влијание 80 до 90 отсто врз крајната цената што ја плаќаат потрошувачите. Со новата методологија не може да има драстично намалување од моменталните цени што се актуелни во Македонија. Секаде во околината се повисоки цените.Ние немаме сопствено производство на нафта за да ја определуваме цената, туку ја увезуваме. Таа е берзански производ, а цената на берзанскиот производ не се определува врз основа на платите што ги имаме во државата. Како регулаторно тело сме ги штителе граѓаните од ценовни шокови. Со новата методологија нема да има зголемување на цените споредено со постојната методологија. За одредени деривати можно е да има и намалување, посочува Бислимовски.

Македонија со речиси најниска цена на горивата во Европа

На европско ниво цената на дизелот во нашата земја е најевтина. Единствено пониска цена имаат Русија, Белорусија, Украина и Молдавија. Главна причина за тоа, меѓу другото, се и ниските трошоци кон државата, пред се нискиот ДДВ и акцизите, особено за дизелот и за екстра лесното гориво, појаснува претседателот на РКЕ. -Пресметките за малопродажната цена на нафтените деривати ги правиме врз основа на давачките кон државата кои се утврдени со закон. Доколку државата смета дека треба да ги промени ќе треба да направи законски измени за промената на акцизата и ДДВ, така што очекувам тоа што е важечка регулатива во моментов да биде имплементирана и во новата методологија. Секоја промена на таа регулатива ќе ја следиме при определувањето на крајната цена, анализира Бислимовски. Досега, прецизира, ја определувавме производната цена на нафтата и нафтените деривати на која се додаваа давачките кои ги има предвидено државата, како и маржата и трошокот за превоз. -Маржата од 3,2 денари е утврдена во 2002 година и досега имало инфлација од преку 30 проценти. Ние тоа ќе го имаме предвид при утврдувањето на новата методологија, исто како и во делот на трошокот за транспорт од складишта до бензинските пумпи од 0,5 денари која е утврдена пред повеќе од 20 години. Оттогаш драстично се сменети работите во овој сектор имајќи во предвид дека тогаш трошокот за гориво бил многу помал отколку што е сега, а исто така понизок бил трошокот за работната сила. Во новата методологија воопшто нема да бидат вкалкулирани тие 29 долари по тон што и се доделуваа на ОКТА, но трговците сега нема да купуваат директно од ОКТА и ќе треба да платат одредена маржа на трговците од странство од кои ќе купуваат нафта и нафтени деривати. Дел од тие 29 долари за тон ќе отидат таму. Ќе анализираме колкави се сега трошоците за да купат нафта и тие трошоци ќе мора да им се признаат, вели Бислимовски.

Air Jordan I Low