Трето издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ на 23 и 24 септември

Годинашното, трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија, информираа на денешната прес-конференција идејните творец на фестивалот Владан Дробицки и Мирко Попов.

-Со две изданија зад себе, и публика, која брои и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот Џез“ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ Џез“ (суб-лејбл на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез сцена во нашата земја, изјави Попов.

Во пресрет на фестивалот, Дробицки истакна дека досега имаат издадено 34 изданија.

-Покрај вообичаениот формат на издавање на ЦД и во дигитална форма, ПМГ Џез досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 1“ и „Стела“ на Љубојна. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 2 – Нов Бран”, вели Дробицки.

Првата, интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филхармонија ќе почне во 20 часот со настапот на Спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и српскиот џез состав, Ејот (Eyot) од Ниш.

Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот со концертен настап на „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација.

Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.

Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија.