Трета ноќ полициски час

Вечерва од 21 часот трета ноќ по ред почна полицискиот час односно забраната за движење на граѓаните во ноќните часови како мерка за заштита на населението и справување со коронавирусот.

Од вчера важи одлуката за ограничување на движењето за младите до 18 години и постарите од 67 години. Се забранува движењето на младите до 18 години од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11 до 5 часот следниот ден. Тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 5 до 11 часот претпладне.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вечерва на емисијата Топ Тема на Телма информира дека МВР спроведува контроли на два начина во однос на движењето на граѓаните, согласно генералниот план и плановите доставени до Секторите за внатрешни работи – преку пунктови кои се поставени на главните сообраќајници, главно со цел контрола на движењето на патничките моторни возила и преку мобилните патроли.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Skopjeinfo.mk (@skopjeinfo.mk) on

Припадниците на МВР ги легитимираат лицата што се сомневаат дека спаѓаат во двете старосни категории на кои им се укажува, им се издава соодветно предупредување и се заведуваат. Доколку повторно не ја почитуваат забраната за движење против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

За време на полицискиот час се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.

За време на полицискиот час е забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).