Трет триатлон натпревар Stopanska Triogy Triathlon 2023 на 14 мај во Скопје

Триатлон клубот „Триоги Рејсинг“ го најавува третиот триатлон натпревар Stopanska Triogy Triathlon 2023 што ќе се одржи на 14 мај 2023 година во Скопје, во техничка организација на Триатлон федерацијата на Северна Македонија. Главниот град повторно ќе биде место каде што ќе се слави триатлонот – спорт кој е брзорастечки во светот, а и кај нас добива сè поголемо внимание.

Оваа година очекуваме преку 250 натпреварувачи, а потврдено е учество и на триатлонци од Хрватска, Бугарија, Турција, Србија, Koсово и од Црна Гора, велат организаторите.

- Подготвени сме со техничка поддршка од страна на Триатлон федерацијата на Северна Македонија и сопствена судиска екипа  да обезбедиме трка на која секој натпреварувач би сакал да учествува и веруваме дека овој натпревар ќе прерасне во традиционален натпревар кој ќе им овозможи на македонските триатлонци да се натпреваруваат на домашен терен. Се радуваме што интересот почна да расте, после ланската многу успешна година кога имаме меѓународен карактер на натпреварот – вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на клубот Триоги Рејсинг и организатор на натпреварот.

Инаку ланското издание на Stopanska Triogy Triathlon беше најмасовниот триатлон настан одржан во нашата држава на кој учествуваа 250 триатлонци. На голема радост и оваа година ја продолжуваме соработката со Стопанска банка АД – Скопје.

Пријавувањето за Stopanska Triogy Triatlon е до 7 мај, на следниот линк.

Оваа година натпреварувачите ќе бидат поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција и тоа:

- Деца 1, родени 2013 г. и помали

- Деца 2, родени од 2012 г. до 2010 г.

- Кадети, родени од 2009 г. до 2007 г.

- Јуниори, родени од 2006 г. до 2003 г.

- Елитна група, родени пред 2002 г.(кои ќе се борат за титулата Државен првак на Македонија)

- Мастерс група или ентузијасти родени после 2002 г.

Триатлон натпреварот ќе се одржи на следните локации: во делот од пливањето на базенот СРЦ „Борис Трајковски“, во делот на велосипедизмот – долж булеварот Илинден од потегот на СРЦ „Борис Трајковски“, сè до исклучувањето кон „Скопје Сити мол“ и назад по десната коловозна лента. Делот од трчањето се изведува околу паркинзите на СРЦ „Борис Трајковски“.