Денеска во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија започна Форумот за културна дипломатија 2025, насловен „Одржлив развој и културна дипломатија – Поттикнување на глобални партнерства“, кои ќе денес и утре.
Форумот, со свое свечено обраќање го отворија: Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, поранешниот Претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија - Берлин, Марк Донфрид и Претседателот на Извршниот одбор на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“, Иван Иванов.
Во рамки на настанот свое обраќање одржаа и пораниешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус, поранешниот претседател на Република Албанија, Реџеп Мејдани, поранешниот министер за надворешни работи на Република Финска, Ерки Туомиоја и поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач.
Муцунски во однос на културната дипломатија истакна дека таа не е само еднонасочен процес на извоз на вредности. Тој потенцираше дека важноста на културната дипломатија се гледа преку зголемената соработка меѓу народите и преку намалениот број на конфликти во светот. Исто така, додаде дека МНРНТ останува цврсто посветено кон водењето на културна дипломатија и кон промоција на македонската култура во светот.
Во своето обраќање, поранешниот претседател Иванов кажа дека овој значаен форум се одржува во време кога светот се соочува со војни, се распарчува со поделби, кога климата и совеста се подеднакво загадени, кога постојат социјални и морални дилеми, и дека сите заедно треба да ги отвориме очите и совеста и заедно да делуваме. Тој посочи дека ова денес не е собир на почитичари и дипломати, туку на луѓе кои веруваат дека иднината мора да ја градиме врз база на човечко достоинство.
„Свет што сака да биде одржлив, мора да биде праведен“, нагласи Иванов.
Меѓу другото, тој даде порака дека секоја Влада треба да основа „Совет за културна дипломатија“ кој би бил составен од филозофи, писатели и експерти.
Дискутирајќи за моменталната ситуација на Македонија во однос на случувањата на меѓународна сцена, процесот за членство во ЕУ и во однос на моменталните геополитички текови, поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска, Ковач, истакна дека токму преку ситуацијата на Македонија може да се воочи како светот функционира, нагласувајќи дека уште од деведесетите години навака, Македонија е жртва на она што се нареква „realpolitik“.
Форумот ќе продолжи со своите предвидени сесии денес и утре, на повеќе локации во Скопје.