Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов вели дека последната мерка за замрзнување на маржите на основните продукти не го олесни животот на граѓаните оти трговците ја изиграле.
„За жал, трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и минималната синдикална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за месец септември. Сега, за месец октомври, се намалени за 960 денари. Тоа значи трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат и зголемените цени, кои ги зголемија во септември, само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа. За жал во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците и сметам дека Владата треба да преземе навистина поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ очекува ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики да профункционира, ни за тоа не се големи оптимисти.
„Тоа што го гледаме на терен е дека е навистина слаб настапот на Инспекторатот, не поради тоа што не сакаат туку поради тоа што имаат многу мал број луѓе кои треба да исконтролираат огромен број трговци. Сметаме како ССМ дека треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од синдикалната минимална кошничка, а ние ја пресметуваме и знаеме најдобро што е потребно“, порача Трендафилов.
На крајот на месецов истекува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени продукти од есенската потрошувачка кошничка што ја одреди Владата. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за разлика од ставот на ССМ, смета дека есенската кошничка дала ефект.