Трендафилов: Креирањето на официјалната потрошувачка кошница е обид за незголемување на платите

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет рече дека креирањето на официјалната потрошувачка кошница е обид за незголемување на платите. Според Трендафилов, минималната синдикална кошница ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство.

„ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано, 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека ни четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера“, рече Трендафилов.

Тој посочи дека стојат на располагање да ги пренесат дел од нивните знаења ако државата или Државниот завод за сатистика сметаат дека треба да направат некакво унапредување.

„Ќе потсетам, и денеска статистика пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални: ананас, јагоди, ореви, бадеми,… Она што ССМ го прави од 2010 година било и ќе биде критикувано од сите влади, но ако разговорите преминат од фаза на дискусија и идеи во фаза дека ќе ни докажат дека можеме да преживееме со далеку помалку, можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2 000 евра, која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби, само тоа нема да им се допаѓа ни на Владата, ни на работодавачите“, кажа Трендафилов.