Трендафилов: Ако не се зголемат платите работниците, ќе си заминат од државата

Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов е оптимист и очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на минималната плата. Како што вели, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да го води на маса, доколку тоа не се случи секогаш имаат на располагање и други мерки.

„Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостин на ССМ“, рече Трендафилов

Како што кажа, во Црна Гора каде имаше минимална плата од 450 евра во наредниот период ќе има минимална плата од 600 евра за работниците со средно образование и 800 евра за оние со високо, во Бугарија минималната плата ќе биде 500 евра, во Србија и БиХ се преговара за 500 евра.

„ССМ има доставено барање за средба со премиерот како што тоа го направивме и со сите останати министри во изминатиов период. Наша главна улога како социјални партнери е социјалниот дијалог да го водиме за почеток на маса. Синдикатите, се разбира, дека секогаш имаат мерки на располагање кои може да ги применуваат. Како ССМ во минатото мислам дека бевме препознаени и покажавме дека можеме да седнеме на маса, можеме да ги изложиме нашите барања, можеме да ги кажеме нашите образложенија зошто бараме и зошто се нашите потреби. Да не заборавиме нешто, не мисли Слободан дека треба да се зголемуваат платите на работниците, тоа го мислат работниците и синдикатите и нивните членови, луѓето кои не’ поставиле да бидеме тука да ги трпиме сите удари за тие да не го трпат тоа“, порача Трендафилов.

Посочи дека очекуваат да се сретнат и со претставниците на Владата, надлежните министри, како и претставниците на Собранието кои се надлежни за работата од областа на трудот. Потсети дека ССМ во април има доставено барање за намалување на функционерските плати за 78 проценти, кое, како што кажа, стои затворено во фиока.