Треба ли родителите самоиницијативно да одлучуваат за вакцинирање на своето дете?

Вакцинацијата топ тема помеѓу родителите. Дилемата дали да се вакцинираат децата, за многу родители останува неодговорено прашање, имајќи во предвид дека во јавноста проструија информации кои зборуваат дека токму вакцините и состојките во нив влијаат за појава на тешки заболувања, а од друга страна надлежните тврдат дека со неа се гради колективно здравје и дека нема докази за нејзина поврзаност со болести.

Дел од родителите не запираат во својата намера да не ги вакцинираат децата. Правдата ја бараат и на суд.

Тие веруваат дека вакцините се виновници за аутизам кај многу деца, имунолошки и алергиски заболувања, па дури и смртоносни болести. Одлуката за вакцинација мора да биде оставена на родителот, затоа што одговорноста за здравјето на своето дете ја носи тој, сметаат родителите.  Според нив, со самото тоа што производителот навел сериозни несакани реакции во упатството за употреба на вакцината, државата не може да гарантира дека нема да му се случи сериозна несакана реакција.

Надлежните смируваат-нема простор за паника, вакцините не се опасни!

Вакцината според надлежните е најисплатлива здравствена превентивна мерка со која се елиминирани или редуцирани на минимум многу заразни болести од кои луѓето умирале во минатите векови. За болестите за кои се најдени, вакцините спречуваат смртен исход или инвалидност и со нив се намалени трошоците за лекување.

Во ЕУ од 27 земји во 15 вакцинацијата е задолжителна, а во останатите земји дел од вакцините се задолжителни, а дел се препорачани. Задолжителни се вакцините за полио и за тетанус. Сепак, свеста на родителите во европските земји е на тоа ниво што иако не е задолжителна тие може да ги вакцинираат своите деца. Според надлежните, за да се создаде добра и стабилна епидемиолошка состојба и да не се вратат некои болести кои се веќе искоренети - опфатот со имунизацијата треба да биде над 95 проценти. Од Министерството за здравство велат дека за вакцината против дифтеријата, која е воведена во 1951 година, во петгодишниот период пред имунизацијата имало 1.790 заболени и 125 смртни случаи. За тетанус вакцината е воведена истата 1951 година, а пред вакцинацијата во петгодишниот период биле регистрирани 180 заболени и 85 смртни случаи. Слично е и со вакцините за големата кашлица, парализата, морбилите и заразните заушки за кои имало илјадници заболени пред вакцинацијата и со 50-100 до 200 смртни случаи најчесто кај деца. По вакцинацијата- овие болести се сведени само напоединечни случаи, а смртни случаи воопшто немало.