Треба ли родителите да имаат право на избор за вакцинирање на своите деца?

Зошто правото на избор им е гарантирано на родителите во демократските европски земји а нам не ние, се прашуваат многу родители кога се во прашање вакцините кои треба да ги примаат нивните деца.

-Главни приоритети на Министерството за здравство за оваа година е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување нови вакцини, кои заштитуваат од стрептокока и од рота вируси, кои пак се причинители на тешки заболувања проследени со компликации, најчесто кај малите деца до 5 годишна возраст, истакна неодамна министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје. Со континуирана промоција и едукација ќе бидат опфатени здравствени работници и родители, со цел и во иднина да се зголемува опфатот со сите вакцини и да не дозволиме долгогодишната традиција на успешна вакцинација да ја нарушиме, а со тоа да не дозволиме појава на заразни болести и епидемии во државата“ рече министерот Филипче.

Тој нагласи дека вакцините се сигурни и дека тие за време на својот производствен процес подлегнуваат на огромен број контроли.

Во поглед на ризиците од невакцинирање, Филипче рече дека постои голем ризик многу болести кои со годинини наназад беа искоренети, да се вратат назад и да ги донесат патници од земјите каде тие се се уште присутни. На тој начин, како што објасни министерот, ќе се заразат нашите деца кои не се вакцинирани, а тие да ги заразат децата кои се се уште мали за да бидат вакцинирани.

Услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани, порача министерот.

На овој услов почнаа да реагираат родителите, кои се против вакцините.

-Јас сум мајка на две мали деца. Едното има четири, а другото има една година. Изборот за вакцина е лично мој. Јас одговарам за своето дете. Јас сум родител и јас најдобро знам што е добро за него. Денеска имаме пристап до интернет и до разни други едукативни материјали, кои јасно укажуваат на тоа дека вакцините се штетни, вели Сања, мајка на две деца.

-Се надевам дека оваа одлука нема да се прифати и дека голем број на родители ќе реагираат. Зарем децата кои нема да примат вакцина ќе останат без школување? Не е возможно, вели Рената.

-Јас имам три деца и досега сме ги примале сите вакцини, иаку сум против. За среќа не сме имале компликации, но сепак сметам дека тоа треба да биде право на избор на родителот, вели Билјана.

На спроведената анкета, дали сте за или против вакцини, поголем дел од родителите одговориле дека се ЗА вакцини, но сепак тоа да стане право на избор, а не задолжително.