Треба да има фер цени на производите зошто нема да дозволиме отстапувања и профитерство, им порача Мицкоски на претставници на маркетите

Со претставниците на маркетите заеднички заклучивме дека треба да има фер цени на производите и оти не треба да има ново зголемување, информираше премиерот Христијан Мицкоски  по средбата што се одржа вчера попладнето во Владата.  

Преку објава на социјалните мрежи, премиерот нагласи дека нема да дозволат отстапувања и профитерство.

-Имав средба со големите маркети. Активно ја следиме состојбата и нема да дозволиме отстапувања и профитерство. Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа, напиша Мицкоски. 

Продолжуваме, порачува премиерот, да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку има потреба за тоа. - Најважен е интересот на граѓаните, напиша Мицкоски.