Трамп објави препорака да се носат маски, но порача дека лично нема да ја почитува

Претседателот Доналд Трамп ја објави новата препорака на федералните здравствени власти граѓаните да носат маски на јавните места и истовремено изјави дека тој оваа препорака нема да ја почитува.

„Јас решив да не го правам тоа“, кажа Трамп по повод новата препорака на Центарот за контрола и превенција на болести на САД со која на граѓаните, а особено на тие од областите што се најзафатени со коронавирусот, им се порачува на јавните места да носат прирачни маски како што се шалови, немедицински маски и слично.

Како што истакнува агенцијата АП, претседателот на САД самиот себе си се исклучи од мерката што ја носи неговата администрација, велејќи дека не може да се замисли со маска на лицето додека од Овалниот кабинет на Белата куќа разговара со светските лидери.

„Тоа е препорака, тие тоа го препорачуваат. Јас едноставно нема да ја носам“, ги пренесува агенцијата зборовите на претседателот на САД.

Новото упатство има цел да ја спречи наглата навалица на купување хируршки маски, кои, како што истакнуваат федералните функционери, им се потребни на тие што се во првата линија на борбата против ширењето на коронавирусот.

Препораката укажува дека постојат голем број можности граѓаните да се заштитат со маски од домашна изработка.