Трајковски од градоначалник на Гази Баба се вратил во ЕЛЕМ каде работи како референт

Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, по завршување на градоначалничката функција се вработил во Акционерското друштво ЕЛЕМ. Трајковски го ова го изјави вчера на судењето по предметот „ТНТ“ каде е третообвинет за рушењето на деловниот комплекс „Космос“.

Трајковски пред да стане градоначалник беше директор на подружница на ЕЛЕМ енергетика. Додека ја извршувал функцијата градоначалник, неговото работно место во ЕЛЕМ било во мирување.

По завршувањето на неговиот мандат, во ноември минатата година, побарал да неговото работен однос во акционерското друштво да биде повторно активирано.  Тој сега работи на позицијата одговорен референт за отчитување, пресметка и контрола на топлинска енергија.

Поради интересирањето на јавноста во врска со работниот ангажман во АД ЕЛЕМ на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, АД ЕЛЕМ извести дека Трајковски е вработен во АД ЕЛЕМ од 2007г. како одговорен инженер. Подоцна е поставен за директор на подружницата Енергетика, од каде заминал на позицијата градоначалник на о. Гази Баба.

„Согласно законот, на избрани и именувани функционери работниот однос им останува во мирување, без оглед дали биле вработени во јавниот или во приватниот сектор. Врз основа на тоа, по завршувањето на градоначалничкиот мандат Трајковски побара неговиот работен однос во акционерското друштво ,,Електрани на Македонија,, да биде повторно активиран.  Од ноември 2017г. Тони Трајковски е распределен на работно место одговорен референт за отчитување, пресметка и контрола на топлинска енергија во подружницата Енергетика“, стои во соопштението од АД ЕЛЕМ.