Трајкоска: Ужасно ни требаат луѓе чија кичма нема да е гумена бомбона!

Кога крлежите, пијавиците и другите штеточини ќе излезат од јавната администрација и од партиските штабови и кога наместо луѓенца со прво работно искуство во партиски обезбедена работа ќе дојдат луѓе со минимум интегритет, соодветно образование и култура на однесување (да неречам домашно воспитување), е тогаш можеби ќе имаме шанса и за нас, за државата и за градот во кој живееме. Со партиски војници кои имаат задача само да слушаат, плукаат каде треба и да си го растат сопственото его и егото на шефот ние ќе тонеме во дупка без дно. За жал, нивото на разбирање и можност за дискусија не постои оти ова се луѓе кои се свесни дека ако шефот замине и тие ќе исчезнат засекогаш, па затоа се подготвени и тоа малку здрав разум и логика што ја имаат да ја трансформираат во послушност и бес кон секој што се дрзнал да мисли поинаку од официјалниот став на партијата. Немаме шанси со ваква политичка и општествена "елита", оти таа сака да биде корумпирана, ја сака моќта на сопственото столче, си го расте егото како надуен балон и слепо застанува на браникот на неодбранливото. Истовремено и корумпира и гради клиентелистички врски со сите околу себе оти само така може да опстане.

Ни требаат други луѓе, кои нема да паднат на службен телефон, картица, медиумско внимание и моќта која мислат дека ја имаат.

Ни требаат луѓе хуманисти, здраворазумни кои знаат дека богатството на заедницата е во различните ставови, ни требаат луѓе кои работеле нешто надвор од партија пред да влезат во администрација. Ни требаат луѓе чиј капацитет е многу поголем од сопствениот нос и егото на шефот, луѓе кои нема да се послушници туку креатори на нови решенија и критичари на сопствените шефови и партијата. Ужасно ни требаат луѓе чија кичма нема да е гумена бомбона, а личниот интегритет ќе им е едно од најважните нешта за зачувување.

Не сум сигурна дека ќе може да излеземе од барава, ама знам дека од се срце и како можам ќе ги поддржам сите иницијативи од граѓаните и од граѓанските организации за вакви промени. Така ќе заминат сите мали човечиња кои ги гледаме последниве 30 години како се лепат на државните буџети, како ништо не работат тука само се правдаат и напаѓаат, а со нив ќе заминат и илјадниците ботови и луѓенца кои чекаат услуга или се спремни за направат се за партијата, но ништо за градот и државата.

#ЗеленХуманГрад #НаТочак #МојГрад #ЗдравјеПредПрофитВоЦентар #СтопЗаБетонизацијаНаКиселаВода #Карпош 

ФБ статус на Жанета Трајкоска