Трајко Славески за нов гувернер на Народна банка?

Професорот Трајко Славески за гувернер на Народната банка – е изборот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, неофицијално брифирале извори за порталот Пари.ком.мк.

Неговото име и најмногу се споменуваше како потенцијален челник на централната банка.

Пари го контактирале Славески, кој ниту ја потврдил ниту ја негирал информацијата. Посочил дека треба да се чека на конечна потврда во Собранието пред официјално да се даде било каква информација.

Славески е актуелен претседател на Советотот на Град Скопје. Зад себе има богата академска и политичка кариера. Редовен професор е на Економскиот факултет при УКИМ, каде што и самиот ги минал сите скалила од додипломските студии до докторат. Јавноста го памети и како министер за финансии. Меѓутоа, на јавната сцена најмногу се истакнува во учеството на економските дебати, како експерт чии погледи и ставови имаат реална основа и тежина.

Славески е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и има учествувано во изработката на програмските документи на партијата.

Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска завршува денес, но според законските одредби, фунцијата ќе ја извршува до изборот на новиот гувернер. Нејзината работа во изминатите седум години е оценета како особено успешна.