Трајановски: За зеленило зборуваат оние кои едно дрво не насадиле

Проблемот со загадувањето на воздухот е сериозен проблем со коишто се соочува Скопје и за негово надминување треба да се вклучат сите општествени и државни чинители.

-Сметам дека нашите политички противници се обидуваат со лаги и манипулации да препишат голема појава, каква што е загаденоста на воздухот и да ја симплифицираат и да ја насочат кон некој субјект или владеење.

Како прво, токму јас како градоначалник, уште во февруари 2011 година на улицата Македонија дадов налог за поставување на инструмент којшто врши мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглерод-моноксид, сулфур-диоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри. Со овој потег всушност и започна борбата со загаденоста на воздухот, состојба за која претходно воопшто не беа презентирани никакви бројки и мерни количини. Тезата дека претходно не бил загаден воздухот е крајно неточна и лажна, бидејќи претходно граѓаните воопшто не беа запознаени со состојбата на загаденоста. Замислете само каква била загаденоста во минатото кога работеа голем број на фабрики во Скопје, Железара со цел капацитет, пред гасификацијата на топланите и Клиничкиот центар, пред набавката на новите 300 автобуси...

Околу обвинувањата за сечењето на дрвја од страна во Скопје, најодговорно тврдам дека изминативе 8 години ниту едно дрво не е исечено без причина и соодветна законско утврдена постапка и решение.

Околу состојбата со зеленилото, исто така се користат со манипулации и лаги за состојбата со парковите и дрвјата. Во овие 8 години се засадени над 250.000 нови садници, а подигнати се над 330.000 квадратни метри ново парковско зеленило, во вид на нови паркови, булеварско зеленило или блоковско зеленило. Само новиот парк во Аеродром кај бул. АСНОМ е на површина од 100.000 метри квадратни, а новиот парк Македонија во Карпош долж булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е со површина од 70.000 квадратни метри, вели Коце Трајановски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, во интервјуто за Пресс24.