Трајановски до Шилегов: Апелирам да ја вршите функцијата на која сте и престанете да барате оправдување кај други

Околу 1.000 болни дрвја кои треба да се исечат во Скопје наследил градоначалникот Петре Шилегов од неговиот претходник Коце Трајановски. Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Трајановски на службите во Градот им дал усна наредба последните две години да не се сечат дрвјата за кои биле изготвени решенија, иако претставуваат опасност за граѓаните.

„Сечеа здрави дрвја за да градат згради, а било наредено да се стопира со сечењето на стари и болни дрвја кои се опасност и за кои има изготвено решенија. При невремето само за еден ден ни паднаа 100 дрвја. Што ако, не дај боже, некое дрво паднеше некому врз глава? Сега во Градот има решенија за сечење на околу 800 дрвја, за кои мораме да интервенираме“, вели Шилегов.

Поранешниот градоначалник на град Скопје Коце Трајановски преку својот Фејсбук профил се огласи во врска со напаѓањата од страна на сегашниот градоначалник Петре Шилегов.

(Во продолжение прочитајте го целиот статус)

Господине Шилегов, читам дека многу често ме напаѓате и барате оправдување преку мене.

Читам “Коце ги исече здравите дрвја а ми ги остави болните дрвја”. Тоа не е вистина.

Со ова сакате да ме направите дрвосечач на здрави дрва, а Вие да се претставите како човек кој мора да исече болните дрва. За да биде појасно ќе ја образложам постапката на сечење на дрва.

Градот Скопје, т.е Секторот за комунални работи изготвува решенија за сечење на дрвја по неколку основи:

1. На барање на инвеститор кој приложува градежна дозвола за изградба на објект издадена од некоја скопска општина. Градот Скопје има обврска да издаде решение за сечење на дрвја кои се во градежната парцела. Инвеститорот сам го организира и го врши сечењето.

2. На барање на граѓаните ако дрвата им навлегуваат во тераси, балкони, оштетуваат кровови или се суви дрва. При ова ако нема опасност по објектот се врши само кастрење на гранки. За ова решенијата се доставуваа во ЈП „Паркови и зеленило“.

3. На барање на ЈП „Паркови и зеленило“, ако нивните вработени согледаат дека има стари, болни или дрва кои претставуваат опасност да паднат од разни причини.

Изготвените решенија се доставуваа во ЈП „Паркови и зеленило“ за реализација.

Кога ме избраа за градоначалник имаше решенија за сечење на неколку илјади дрвја за кои се чекаше по неколку години да се реализираат. За ова во првиот период имаше многу поплаки од граѓаните. ЈП „Паркови и зеленило“ имаа едно возило со корпа која служеше за подигнување на работникот кој сече на 6 до 7 метри и имаа вработено тројца луѓе. Затоа набавивме уште две возила со корпи и вработивме уште 6 работници. Со ова дојдовме до ситуација откако ќе се добие решение, истото да се реализира за максимум 1 месец, а не како порано неколку години. ЈП „Паркови и зеленило“ откако ќе ги добие решенијата прави план на приоритети.

Како градоначалник, јас никогаш не сум им забранил да ги сечат болните и старите дрва, туку реков дека не смеат и не треба да сечат без претходно неколку дена преку медиумите да ги известат граѓаните на која локација кои дрва ќе ги сечат, како и за причината поради која ќе ги сечат.

Додека бев градоначалник зелените и паркобраните беа многу гласни и активни, а сега како да го изгубија гласот.

Јас моите обврски ги извршував професионално и одговорно, за тоа ќе ви кажат и вработените. Од тие причини, апелирам да ја вршите функцијата на која сте и престанете да барате оправдување кај други.