
Македонската културна и медиумска јавност е завиена во црно по веста за трагичната смрт на младиот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев. Овој исклучителен креативец го загуби животот во несреќен случај во објект во изградба. Имаше само 28 години.
Кристијан Љушев (1997–2026) важеше за еден од најперспективните претставници на новата генерација македонски визуелни уметници. Зад себе остави богато портфолио од комерцијални реклами, музички спотови, документарни филмови и меѓународни продукции. Неговиот препознатлив стил, чувство за кадар и автентичен визуелен потпис го вградија неговото име меѓу најбараните млади автори.
Неговата камера стоеше зад видеозаписите на бројни естрадни уметници, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, групата „Марама“ и многу други.
Посебно место во неговото творештво имаа проектите посветени на македонското духовно и културно наследство. Со голема љубов ги визуелизираше убавините на Охрид и регионот, а беше длабоко вклучен и во креативните проекти на Бигорскиот манастир, преку кои ја пренесуваше духовната порака до пошироката јавност.
Колегите, пријателите и соработниците се во неверување. Го паметат како човек со огромно срце, ведар дух и заразна позитивна енергија.
Тој инаку загина во трагичен настан што вчера се случил во станбена зграда во изградба.