Традиционално прославен патрониот празник на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“

Изминатиот викенд, поточно завчера, на 6 декември, традиционално, по 58. пат, беше прославен патрониот празник на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“.

Празнувањето започна со архијерејска вечерна богослужба во параклисот при Богословијата, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, а на истата молитвено присуство зедоа: Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ректорот на Богословијата – Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и Митрополитите: Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Дебарско-кичевски г. Георгиј.

По Вечерната богослужба, во Богословијата се одржа и свечена академија којашто започна со благословување и прекршување на празничниот колач од страна на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

На свеченоста беа наградени најдобрите ученици од секој клас, а на самиот крај, пред присутните, се обрати и ректорот на Богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој им се заблагодари на присутните, а воедно, и на светиот Климент Охридски за постојаното застапништвото и за молитвите.