Традиционални македонски јадења - Скопје има симит погача, Штип има пастрмајлија, Охрид има ѓомлезе

Да дојдеш во Македонија, а да не ја пробаш превкусната македонската традиционална храна, исто како и да не си бил. Можеби немаме нешто луксузно, но имаме нешто превкусно. Зелник, тавче гравче, ајвар, сарма, слатко од смокви, мармалад од малини, печена тиква, макала со праз и суви пиперки, домашна ракија и вино, е само мал дел од она што има да се понуди на странците.

Да дојде во Скопје, а да не пробаш симит погачата, значи дека не си пробал главниот специјалитет на градот. Симит-погачата е сендвич составен од лепче (кифла) и од мрсна пита без заире (сирење, месо или слично), која неодоливо потсеќа на бурек.

Симит-погачата е оригинален производ, а да бидеме искрени најдобрата се јаде токму тука. Таа носи во себе повеќе пораки. Не е само одлика на скромност и задоволување со малку. Таа е симбол на еднаквоста, подеднакво е достапна секому, по состојките универзална, а по хранливоста ефикасна.

Синтагмата леб во леб можеби најдобро може да го отслика значењето што го емитира. Таа по состав е иста тесто со тесто, а сепак сосема различна и најдобро е кога тие различности се споени во едно, кога се сфаќа дека тие не се исклучуваат и оти само заедно се ефикасни, полезни и вкусни.

Симит-погачата е исклучив скопски специјалитет, еден од ретките деликатеси што се прави и продава речиси исклучиво во Скопје. Ако и постои некој град низ Републиката каде што се продава симит-погача, тогаш бидете сигурни дека мајсторот е дојден од Скопје или барем дека занаетот е пренесен од тука.

Тука доаѓаме и до разрешувањето на „вечната“ скопска дилема: кој дел е симитот, а кој – погачата? Симитот е збор со турско потекло (како, впрочем, и погачата) и означува печиво. Во случајот, значи, станува збор за лепчето, односно кифлата. Погача, пак, на турски е пита (Турците не го изговараат она „г“ или го изговараат многу меко, па нашето уво го слуша како „поача“), што ќе каже дека погачата е питата, односно празниот бурек.

Исто како Скопје што е претпознатливо по симит погачата, така и Штип е познат по својата штипска пастрмајлија.

Пастрмалија е македонски специјален вид на пита направен од тесто и месо. Традиционалната пастрмалија има долгнавеста форма со сецкано месо врз неа. Која е тајната на Штипските пастрмајлии: Квалитетно свежо месо, маст, црвен пипер, добро брашно и многу љубов.  Низ годините пастрмајлијата ја подготвувале штипските домаќинки и фурнаџии, а денес се подготвува и во штипските домаќинства.

Пастрмајлијата е вид бренд на штипските кафеани и ресторани и бренд на Штип по кој градот е познат не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.

И Охрид, може да се пофали со свое традиционално јадење, а тоа е ѓомлезето. Во Охрид нема домаќинка, која не ја знае тајната на оваа прекрасно јадење. Тајна која се пренесува од генерација на генерација.

Најпрво се прави кашата, составена од брашно, сол и вода, а тоа е стариот начин на подготовка на ова традиционално охридско јадење. Потоа се пали огнот, се загреваат сачевите и се почнува со работа. Се истура кашата во тепсија, се прска со масло и се става сачот за да се испече губата. Потоа процедурата се повторува, а целокупниот процес трае околу три часа, велат домаќинките.