Традиционални и модерни мартинките ќе бидат изложени во Скопје

Меѓународна изложба на која ќе бидат изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и Романија ќе биде отворена утре во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Рамстор мол“ во Скопје.

Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ и е дел од активностите врзани со интернационалната апликација до УНЕСКО за признавање на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство. Апликацијата заеднички ќе ја поднесат Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.

Изложбата ќе биде отворена до втори март и ќе бидат прикажани мартинките односно оригиналните рачно изработени амајлии. Постановката ќе биде збогатена и со модерни амајлии изработени од модното студио „Магда“, а ќе биде претставена и археолошка визуелизација на праисториското потекло на мартинките преку археолошки предмети од територијата на Р. Македонија. Воедно ќе има и едукативни панели, проекција на документарни филмови, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.

- Мартинките се еден од симболите на културниот идентитет на македонскиот народ. Но воедно се дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. „Хаемус“ ги почитува мартинките, верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција. Се надеваме дека овие амајлии наскоро ќе станат нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО – вели Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.

Главен партнер на изложбата е градскиот музеј во Крива Паланка, а настанот се прави под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси.