Традиционален Гала оперски концерт по повод Василица во НОБ

По повод празникот „Василица“, на 12 и 13 јануари со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе се одржи традиционалниот Гала оперски концерт.

– Традицијата востановена пред повеќе од 25 години продолжува, оваа година нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, де Либ, Штраус – помладиот, стои во соопштението од НОБ.

Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер – Дејан Прошев, концерт мајстор – Верица Ламбевска и хор мајстор – Јасмина Ѓорѓеска.

На концертот ќе настапат нашите оперски уметници Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас).

– Настапуваат хорот и оркестарот на Национална опера и балет, а билетите се веќе пуштени во продажба на нашата билетарница и онлајн, наведуваат од НОБ.