
Режисерот Вардан Тозија во објава на Фејсбук остро реагира на сообраќајниот метеж и урбанистичкиот хаос во Скопје, велејќи дека ова е само почеток.
„Сметал сообраќајниот метеж. Стрпете се, ова е само почеток. Низ Центар, клучната транзитна точка на Скопје, стотици нови гипс-картонски диво-згради се креваат насекаде. Десетици илјади грла ќе се истоварат во тие бедни кутии. Повеќето без обезбедени паркинг места, секако“, вели Тозија во објавата.
Тој додава дека сите, не само Центарци, ќе трошат барем половина час повеќе во смогот за да си дојдат во својот дом, кај своите најблиски.
„Ако некого го интересира, тоа се отприлика дополнителни 120 дена (без викенди, празници, “стари одмори“) поминати во автомобил или градски превоз во тек на само 20 години. На 600.000 жители, тоа се 72 милиони денови. 72 милиони денови украдени од вашите деца, родители, брачни партнери, болни, стари, пријатели... Ете така се убива еден град, засекогаш. Оваа тивка смрт ни ја подари еден потпросечен гад, неговиот грст центарски советници, и дузина усмрдени инвеститори“, објаснува режисерот.
Исто така, вели дека големите партии не смеат да писнат и дека мора сите да го поддржат овој месија на црниот капитал.
„Убиството има различни лица, треба само малку да се подразмисли“, посочи Тозија во објавата на Фејсбук.