
Режисерот Вардан Тозија денеска во објава на Фејсбук „распали“ по градоначалникот на Општина Центар, за кого рече дека е „катализаторот на сите проекти на урбаната мафија и најпрофитниот пион на еден пропаднат политички картел“.
„Убеден сум дека за неколку дена засекогаш ќе се збогуваме со онаа политичка наказа која вегетираше четири години врз градоначалничката фотелја на нашата напатена престолнина. И тие четири години, како и претходните десетици, никој нема да ни’ ги врати... има интересни, има банални, мотивирани или излитени, се редат секакви сурати по кампањите, ќе видиме дали ќе се активира трезвената гласачка свест над краткорочното помнење“, пишува Тозија во својата објава.
Но, вели тој, останува уште еден крајно опасен политички субјект.
„Опасен по ЖИВОТ, по квалитетот на ЖИВОТОТ, по ЖЕЛБАТА за живот тука - подеднакво за граѓаните на Центар и граѓаните на Скопје. Катализаторот на сите проекти на урбаната мафија, најпрофитниот пион на еден пропаднат политички картел – сегашниот градоначалник на општина Центар“, вели режисерот.
Тој додава дека ако не станало досега јасно - „погленете околу себе“.
„Само во последниве четири години, бројот на напумпани маркици, урбанизирани дивоградби, брутална бетонизација многукратно ја надмина целата наша транзициска историја... урбицид скриен зад една наивна и демагошна појава со туп израз. Во овој аполитичен апел, само би повикал да се гласа за БИЛО КОГО освен за него. Уште еднаш формулирана проста реченица. БИЛО... КОЈ. БИЛО КОЈ против фаворитот на корумпираните урбани профитери, напиша режисерот Тозија.