
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во Дневникот на Македонската национална телевизија информираше за почетокот на имплементацијата на проектот „Безбеден град“, објаснувајќи како ќе функционира системот и кои се механизмите за заштита на граѓаните во случај на евентуални грешки.
Тошковски посочи дека во постојните евиденции за сопственици на возила можно е да има неточни податоци, било поради погрешни информации доставени од граѓаните во минатото, било поради технички пропусти при внесување. Поради тоа, не е исклучена можност одредени лица да добијат известување или записник за прекршок што не го сториле.
„Секој граѓанин кој ќе забележи несогласување во податоците има право да се обрати во која било полициска станица и да пријави дека станува збор за грешка – дека возилото не е негово, дека не управувал тој или дека постои друга неточност. Согласно законската процедура, Министерството за внатрешни работи во рок од 24 часа ќе изврши проверка и корекција, а граѓанинот ќе добие потврда дека нема да биде прекршочно гонет доколку не го сторил прекршокот“, изјави министерот.
Тој нагласи дека во рамки на новиот систем е воведен и дополнителен безбедносен механизам за заштита на личните податоци. По добивањето СМС-известување за сообраќаен прекршок, граѓанинот ќе пристапува до записникот преку линк, а за преземање на документот ќе биде потребно внесување на матичен број. На тој начин, како што посочи Тошковски, се спречува доставување чувствителни податоци до погрешно лице.
Министерот додаде дека, и покрај напредната технологија, можни се технички грешки поради фактори како осветлување, временски услови или други околности кои можат да влијаат врз читањето на регистарските таблички. И во такви случаи, граѓаните ќе имаат можност да побараат исправка, која ќе биде направена во најкраток можен рок.
„Не постои совршен систем и не тврдам дека нема да има грешки. Ќе ги има, но тие ќе се коригираат. Овој систем е значително подобар од претходниот, а неговата основна цел е да спасува животи и да обезбеди поголема безбедност во сообраќајот. Одговорност мора да сноси оној што навистина го сторил прекршокот“, порача Тошковски.
Проектот „Безбеден град“ е дел од пошироките напори на Министерството за внатрешни работи насочени кон дигитализација, поголема транспарентност и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.