Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави внатрешна прераспределба на кадарот. Процес кој веќе е почнат во Скопје, но ќе се случи во целата држава, а следен град за ова внатрешно преструктурирање ќе биде Тетово.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека ќе се спроведе прераспределба на полициските службеници во рамки на Министерството, со цел поеднаква распределба на работната сила и зголемување на бројот на полицајци на терен.
„Во рамки на МВР, секогаш ни фалат полицајци на терен – луѓе кои се подготвени да го ризикуваат својот живот за граѓаните да се чувствуваат безбедно. Од друга страна, во административниот дел имаме вишок вработени. Затоа, преземаме оперативни планови за нивно активно вклучување“, изјави Тошковски.
Тој најави дека по Скопје, слична прераспределба ќе се направи и во Тетово, нагласувајќи дека резултатите ќе бидат видливи во рок од две недели.
Дополнително, министерот најави нова систематизација и измени во законската рамка, вклучувајќи нов Закон за Министерството за внатрешни работи и нов Закон за полиција, со цел максимално рационално трошење на јавните средства.
„Целта е да ги намалиме неактивните вработени и да обезбедиме повеќе полицајци на терен. Долгогодишната пракса ‘клати врата – земај плата’ мора да заврши. Затоа правиме длабински анализи и системски реформи, кои ќе дадат видливи резултати во следните година до година и пол“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи веќе ги комуницира предложените измени со меѓународните партнери и социјалните чинители, со цел да се донесат ефективни решенија за унапредување на полициските служби во земјата.