
На надзорната расправа вчера во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски рече дека семејното насилство предолго било третирано „фрагментирано, со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите“ и најави законски измени со кои полицајците ќе добијат ново овластувања: веднаш да изречат итна мерка за заштита при семејно насилство, вклучително и отстранување на сторителот од домот, забрана за приближување и забрана за контакт со жртвата.
„Семејното насилство е едно од прашањата по кои најјасно се гледа колку навистина функционира системот, особено таму каде што државата треба навреме и суштински да ги заштити најранливите“, оцени тој.
Според Тошковски, клучната новина во законските измени е воведувањето итна полициска мерка што ќе може да се изрече веднаш, врз основа на проценка на ризик и на утврдена непосредна опасност.
„Полицискиот службеник ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата. Мерката ќе се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, и ќе важи до 48 часа, по што Судот ќе ја потврди, укине или ќе ја продолжи до 30 дена“, појасни Тошковски.
Тој нагласи дека мерката е во согласност со Истанбулската конвенција и претставува суштинска промена во начинот на институционално постапување.
Паралелно со законските измени, како што додаде, МВР работи и на воведување „боди-камери“ за полициските службеници, со цел интервенциите да бидат прецизно документирани и да се намали можноста за различни толкувања на настаните.