Системот „Безбеден град“ наскоро ќе може да препознава и возачи на мотоцикли кои не носат заштитна кацига, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тошковски го посети фестивалот „Мото Илинден Урбан драјв“, кој до 4 октомври се одржува на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Фестивалот, покрај промоцијата на мотоциклизмот, има за цел да ја подигне свеста за безбедно учество во сообраќајот.
Министерот порача дека љубовта кон мотоциклите мора да оди заедно со почитувањето на сообраќајните правила.
„Кацигата и заштитната опрема, почитувањето на ограничувањето на брзината и сообраќајните правила не се формалност – тие спасуваат животи“, рече Тошковски.
Од МВР информираат дека во рамки на засилените сообраќајни контроли посебно се следат мотоциклистите и возачите на мопеди, со акцент на брзината, поседувањето соодветна возачка дозвола, користењето заштитна кацига и почитувањето на останатите правила.
Дополнително, системот „Безбеден град“ веќе ги регистрира прекршоците направени од возачи на мотоцикли. Со надградбата со вештачка интелигенција, според најавата на Тошковски, системот наскоро ќе може да препознава и неносење кацига.
Според податоците што ги презентираше министерот, во првите девет месеци од годинава во сообраќајот има 33 жртви помалку во споредба со истиот период лани. Тоа, како што посочи, претставува намалување од околу 30 отсто на бројот на загинати лица.
Во истиот период, бројот на повредени во сообраќајни незгоди е намален за околу 19 отсто. Тошковски оцени дека во позитивниот тренд се вклучени и сообраќајните незгоди во кои учествуваат мотоциклисти, а најави дека институциите ќе продолжат со мерките за дополнително зголемување на безбедноста во сообраќајот.