Тошковски: 24 години ЕБР – врвна единица која секогаш ја чува Македонија

Со свечена церемонија на градскиот плоштад во Кавадарци вчера беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од нејзиното формирање при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, највисокото раководство на МВР, министри, пратеници, претставници на институции, локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејствата на загинати припадници на ЕБР.

Граѓаните на Кавадарци имаа можност одблиску да се запознаат со опремата и работата на оваа елитна полициска формација, преку концептот „До вас, за вас“, кој предвидува директна комуникација со припадниците на МВР.

„Симбол на сигурност и брза реакција“

Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека овој ден е посветен на сите кои ја носеле или денес ја носат униформата на ЕБР, но и на хероите кои ги положиле животите на должност.

„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како современа, добро обучена и доверлива формација. Посебна е по тоа што секој припадник е подготвен да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде одлуките мора да се донесат за секунди. ЕБР стана симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните“, истакна Тошковски.

Резултати во борбата против криминалот

Министерот потсети и на резултатите на полицијата во изминатата година – разбивање на опасни криминални групи, стотици расветлени кривични дела, заплена на наркотични средства, спречени илјадници обиди за нелегален влез во државата и поднесени десетици пријави за корупција.

„Дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец или мрежа. Нашата определба е систем каде законите ќе важат еднакво за сите, а државата ќе биде сојузник на граѓаните, а не на криминалците. Во таа борба, припадниците на ЕБР имаат незаменлива улога“, нагласи Тошковски.