Тоше и Дражен беа мајстори во својата работа, но Господ прерано ги повика кај себе

Пред точно 30 години, односно на 7 јуни 1993 година се случи голема трагедија која ги потресе сите на Балканот, затоа што почина легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ.

Кошаркарскиот „Моцарт“ беше еден од најдобрите играчи на Југославија и во светот, а неговата мајка даде емотивна изјава во разговор со медиумите.

-На младите треба да им раскажуваме за Дражен, не само за неговите спортски успеси, туку и за тоа каков човек беше. Уште од дете сакаше да им помага на сите и да ги направи среќни. Мислам дека сега ќе беше голем хуманитарец, но за жал судбината сакаше да биде поинаку, вели неговата мајка.

Дражен, исто како и нашиот Тоше Проески, животот го загуби во сообраќајна несреќа.

-Мило ми е што никој не го заборави Дражен. Спортот ги руши сите граници, мора да ја исфрлиме политиката од животите. Кога загина Тоше, се чувствував како тоа да се случи на некој од моето семејство. Сакав да ги посетам неговите родители, но некои сакаа тоа да го претстават како политички потег. Тоше и Дражен на овие простори беа харизматични и беа мајстори во својата работа, но Господ прерано ги повика кај себе, раскажува неговата мајка.