Топлото време ги раздвижи змиите во Скопје - бидете внимателни, апелираат здравствените работници

Топлото време ги раздвижи змиите низ Македонија. Меѓу нив се и неколку видови на отровници коишто прават сериозни проблеми кај каснатите лица.

Секоја година во земјава во мај, јуни и јули има најмногу каснувања од змии во земјава. Во просек околу стотина лица го искусуваат ова лошо искуство. На Клиниката за инфективни болести најчесто завршат на лекување околу 15 до 20 од нив.

Здравствените власти предупредуваат дека треба поголема внимателност кога се престојува во природа оти топлото време предизвика змиите-отровници да почнат да шетаат низ планините, на карпите, да ги има под големите камења, но и покрај реките каде има високи треви и бујна вегетацијата.

Биолозите пак укажуваат дека треба да се има предвид оти змиите се влекачи кои се плашливи по природа, не ги напаѓаат луѓето и препорачуваат да не се задеваат.

Змии има и во парк-шумата Водно, затоа се препорачува рекреативците да бидат повнимателни и доколку им се случи да бидат каснати, да не ги фаќа паника, веднаш да се јават на лекар и да го примат противотровот. Во случај ако сте во природа и треба брзо да се интервенира, тогаш треба превентивно да се имобилизира просторот со лесно подврзување над каснувањето.

Лекарите велат дека антивитеринумот, односно серумот-антиотров треба да се употреби во рок од 24 часа. Во моментов во земјава го има во доволни количини. Него треба да го поседуваат сите болници во земјава и итната медицинска помош, бидејќи противотровот го нема во редовна продажба во аптеките. Тој треба да се чува во специјални услови, а во обичните аптеки тоа не е можно.

Скопската итната медицинска помош исто така располагаат со ваков серум и се подготвени да интервенираат доколку некој граѓанин го побара тоа од нив. Со противотрови треба да бидат обезбедени и граничната полиција, како и војската, особено кога оди на терен.