Топлина во Скопје Север се произведува со мазут, а загадувањето на воздухот не се мери

Енергенсот што се вбројува меѓу тие што најмногу го загадуваат воздухот, мазутот, изминатиов период се користи како погонско гориво во топланата Скопје Север. Градот Скопје на оваа постројка во јули ѝ издал интегрирана еколошка дозвола во која што е наведено дека во случаите кога би се користел мазут, задолжително е да се мерат емисиите во воздухот од страна на топланата. Засега тоа не се прави.

-Секако дека природниот гас е доста поприфатлив за околината, но кога гледаме секој ден со дивите депонии колку се загадува, ова загадување е минорно - истакна директорот на топланата Куштрим Рамадани во изјава за телевизија „Телма“ и најави
дека мониторингот ќе почне да се прави во следните денови.

Набљудувањето на квалитетот на воздухот е една од обврските што топланата ги има според еколошката дозвола.

-Доколку Операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести Надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до Надлежниот орган - стои во интегрираната еколошка дозвола (Б) со број 08-2598/5 што Град Скопје ја издал на топланата во јули годинава.

Причината зошто се користи мазут според првиот човек на топлана Скопје Север е за да се провери дали системот ќе функционира нормално, но и како резултат на цената на природниот гас, во споредба со кој мазутот бил поисплатлив.

-Ние имаме обврска според законот за енергетика да чуваме залихи за алтернативно гориво. Така што, од тие залихи што ги имаме во Скопје Север употребуваме мазут како алтернативно гориво. Согласно дозволата што ја имаме, согласно законот, се известени истиот ден кога ја започнавме пробата на постројките - изјави директорот на топлана Скопје Север.

Дополнително, во услови на користење на мазут како погонско гориво, топланата е обврзана да ја достави количината на создадениот депозит при перење котли, негова хемиска анализа и договор за превземање на депозитот со превземачот.

На планот на квалитетот воздухот, во дозволата се наведени неколку насоки што мора да се почитуваат, како тоа дека емисиите кои потекнуваат од инсталацијата на топланата не треба да содржат нападен мирис надвор од границите на инсталацијата. Тие, исто така, освен пареа и кондензирана водена пареа, нe треба да содржат капки на перзистентна магла и перзистентен чад.

Сето ова значи дека неодговорните чекори на полето на парното греење во Скопје продолжуваат, а цената за тоа веројатно ќе ја платат граѓаните преку оштетување на нивното здравје. Последен случај во оваа низа е фактот дека топланата Скопје Север веќе користи мазут за произведување топлинска енергија, иако овој енергенс се вбројува во групата на тие што најмногу загадуваат.