Помина уште еден саем на книгата, драги читачи, и тоа прилично успешно. Локацијата иако најпрво беше прифатена со доза на скептичност, сепак таа се покажа како одлична за вистинските љубители на книги.

Штандот на издавачката куќа Сакам Книги и овој пат беше еден од најпосетуваните. По завршувањета на настанот правиме сублимат на најбараните книги:

Жената на прозорецот од А.Џ. Фин
Агорафобична жена што живее сама и ги шпионира соседите случајно гледа нешто што не треба да го види.

Совршената замена од Грир Хендрикс и Сара Пеканен
Една потиштена жена не може да се помири дека сопругот ја остава за помлада девојка и решава да не им дозволи да се земат.

Синдер и Ела од Кели Орам
Дечко и девојка анонимно се дружат само онлајн, но таа не знае дека тој е најпопуларниот млад актер во Холивуд, а тој не знае дека таа има тешки повреди и лузни од сообраќајка.

Фати ме од Лиса Гарднер
Девојка тренира и се подготвува за серискиот убиец што ги убил нејзините најдобри другарки една по една на истиот датум секоја година, па сега очекува дека таа е на ред.

Темјанушки во март од Сара Џио
Двојна приказна во приказна за млада разведена жена која наоѓа дневник во островската куќарка на нејзината тетка, а во него открива приказна за забранета љубов.

На раб на Лудило од Б.А. Парис
Една жена не може да живее со грижата на совест и почнува да го губи умот, но веќе ни самата не знае што од она што се случува е реално, а што замислено.

Зима со мирис на капини од Сара Џио
Новинарка добива задача да пишува за пролетната снежна бура, чуден феномен во мај кој се случил и пред осумдесет години и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината. 

Светлината што ја изгубивме од Џил Сантополо
Љубовна приказна за двајца кои се сакаат цел живот, иако судбината постојано ги разделува.

Го имам твојот број од Софи Кинсела
Девојка наоѓа туѓ мобилен во корпа за ѓубре баш кога најмногу има потреба од телефон и не сака да го врати, иако сопственикот на телефонот не се согласува.

Вистинскиот – Џон Марс
Нов сајт за анализирање на ДНК ве спојува со сродната душа, една и единствена за вас, без разлика каде во светот се наоѓа. Но излегува дека на еден сериски убиец сродна душа му е џандарката која работи токму на неговиот случај.

Тајната сопруга од Џил Пол
Русија е на раб на колапс и семејството Романови се соочува со ужасно несигурна иднина. Големата војвотка Татјана се вљубува во војникот Дмитри, но со катастрофален пресврт во настаните, нивната романса – а и нивните животи – паѓаат во опасност…

Еленор Олифант е океј од Гејл Ханимен
Осамена девојка со тврдокорно срце и слаби социјални вештини почнува да се отвора за светот кога се спријателува со маж со големо срце.