Тома: Српски мегахит со холивудски шмек, удира во балканска душа и ги погодува емоциите на скопјани

Од пред неколку денови во скопски кино сали се прикажува филмот „Тома“ кој според неговата популарност се чини дека ќе стане еден од најгледаните српски филмови во Македонија и на Балканот.  До моментот на пишување на овој текст околу половина милион луѓе го погледнале во Србија и околу 200 илјади во Босна и Херцеговина. Во Хрватска деновиве треба да започне прикажувањето.

Феноменот на голема гледаност не треба да чуди. Биографијата на популарниот српски пејач Тома Здравковиќ пристигна во кина на 30-годишнината од неговата смрт, симболично временски поклопена со распадот на поранешната Југославија кога фолкот се замени  со турбо фолм. Филмот отворено типува на носталгијата и на регионалната публика како бегство од застојаната реалност и националистичките препукувања во режија на политичарите.

Регионалните критичари се согласуваат дека филмот е посветен на едно време кое веќе го нема, без никаков идеолошки предзнак освен што се наоѓа во времето на поранешната држава. Во такво време беа можни вистински боеми, со душа распарчена од љубов, оние кои си нанесуваат болка и носат исполнување на општеството. Бјелогрлиќ кокетира и со елементи на Кустурица, што дава дополнителен шарм. Филмот е за вознемиреност, љубов, тага, а пред се оди во душата и длабочината.

Ова уметничко остварување на само што ги полни кино салите во Скопје, туку и ги исполни и емоциите на македонската публика. Полни со емоции, расплакани и со солзи гледачите ги напуштаат кино салите. Токму за емоциите, душата, тагата и носталгијата зборува Тома во филмот. 

Носталгија е за Здравковиќ и некои други омилени пејачи од тоа време кои се појавуваат во филмот, а веќе ги нема. Носталгија за држава која повеќе не постои. Носталгија за некои минати (не)завршени времиња.

Непосредно пред одјавната шпица,  Тома одржува концерт во Сараево во 1991 година и истиот го посветува „за сите кои веќе ги нема и за она што нема повеќе да биде“. Кралицата на севдалинките, Силвана Арменулиќ (впечатливата Тамара Драгичевиќ) во една од сцените вели „не ја бираш ти публиката, туку публиката те избира тебе“, но „Тома“ затоа го избра најширокиот круг на гледачи.

Позади вокалот на Тома Здравковиќ познатиот српски пејач Ацо Пејовиќ, додека вокалот на Силвана е Сузана Бранковиќ. Аранжманите на песните ги има направено познататата српска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ.

Помеѓу цитатите кои остануваат во глава се: „Среќните луѓе не пишуваат песни“, „Кога животот би имал реприза, едниот да го живееше како што сакаш, а вториот како што мораш“, „Не слушам народна музика. Нема ништо народот со неа, тоа е само музика“ и „Јас морам да пеам, мене душата ми бара песна“