Тоа што сме пријатели не значи дека морам да направам сѐ што ќе ми кажеш

Мислам дека како никогаш порано не било полесно да имаш милион познаници, па дури и пријатели, а сепак да се чувствуваш осамено покрај нив. Тешко е денес да имаш еден вистински пријател, а не пак неколку. Тие што ги имаат се среќни поединеци кои негуваат долготрајни пријателства, од оние кои не познаваат временски и географски рамки. Тоа се оние пријателства кои секогаш постојат без оглед на сѐ. Пријателства во кои и кавгите и периодите на недружење се нормални, пријателства во кои има смеење, но има и солзи. 

Пријателството е „живо битие“, па затоа и велам дека се негува, тоа не е работа која ја ставаш на полица, па ја користиш според потреба или уште поретко од тоа. Наспроти хаотичното време во кое живееме, понекогаш човек мисли дека има нешто такво во животот. И го негуваш тоа, затоа што знаеш колку е вредно и ретко и не им дозволуваш на 21 век, модерна технологија, купот од обврски и луѓето да ти го одземат или уништат тоа. Одвојуваш време, пари, кратиш од сон, се грижиш, понекогаш и плачеш, но се трудиш затоа што исто како и во врските, и во пријателствата не е секогаш сѐ идеално и убаво и лесно. 

И пријателите изневеруваат, разочаруваат, се разболуваат, се селат на други места, им се случуваат трагедии и слично. Сето тоа е нормално и го прифаќаш како дел од животот, знаеш дека секогаш има добри и лоши работи во сѐ. Знаеш дека ќе плачеш, но знаеш дека многу повеќе ќе се смееш. За тоа всушност служат пријателствата, да ги потенцираат позитивните чувства и да ги амортизираат негативните. Но, како и во врската, човек не е сам и во пријателствата. Не знаеш како другата личност утре ќе размислува и како ќе се однесува, а и тоа е еден од ризиците кога се поврзуваш со некого. Во налет на лутина и бес кажуваме сѐ и сешто, особено ако не сме свесни за тоа Добиваме и разноразни навреди, ни криви, ни должни, кои подоцна те болат. 

Се кажуваат ултиматуми како „Ако си ми другарка, ти ќе го направиш...“ или „Другар си ми или не?“, па потоа размислуваш на тоа со денови. Зошто некој би тестирал колку добар другар или добра другарка си ти? Зарем твоите дела не го покажале тоа едно милион пати досега? Ако некој ти поставува услови, дали навистина е проблемот во тебе?

Тогаш човек сфаќа дека сепак немал пријателство какво што мислел дека има. Се откажуваш од натамошно негување и оставаш работите да си течат по природниот тек. Не се трудиш како порано, не ти паѓа напамет да излегуваш од дома среде ноќ, освен ако не се работи за живот или смрт, не помислуваш да ги занемариш своите обврски и желби за некој кого го нарекуваш пријател, а тој ти поставува услови и ги тестира твоите пријателски способности. 

Јас сум достапна 24 часа дневно и без некој да ме бара, но не знам да сакам половично, ниту пак на копче, од типот на: денес можам, а утре – не. Во ниту еден однос и врска во животот не можам така половично, па чувствувам дека со текот на времето ги исклучувам од животот оние кои не „дишат“ како и јас. За тие прекини не е потребна ниту агресија, ниту грди зборови, доволно е да се наречат работите со своето вистинско име, да се избориш за себе и за своето време и да го намалиш влијанието кое некој го имал врз твојот живот, а не ти возвратил во иста мера. 

Ако морам да калкулирам, тоа не е пријателство. Ако морам да размислуваш што и кој ми е поважен, тогаш сум во врска во која не сакам да бидам. Околу мене често гледам луѓе кои имаат пријателства кои траат со децении, а сепак се сами кога најмногу им гори под нозе. Па за што служеле сите тие години пријателство, ако на крај во најтешкото пак си сам?

„Изгубеното време“ е термин кој не постои, затоа што и тоа време те научило на нешто. Никој и ништо нема да те научи толку како „изгубеното време“. Само слушни го, еднаш е доволно. Обично баш тоа „изгубено време“ ти помага да се освестиш и да сфатиш дека немаш неограничено време на планетава и дека не треба да го трошиш на луѓе кои те условуваат на кој било начин, затоа што тоа не се пријатели, тоа се пијавици. 

Тие ја црпат твојата добра волја, време и енергија и кога ќе исцрпат доволно, си продолжуваат по својот пат. И кога ќе им се потрошат изворите, се враќаат пак. Пијавици за кои пријателството не е живо битие туку математика каде пресметуваат сѐ и сешто. 

Пријателите би требало да те чувствуваат, а не да те условуваат.