Таканаречените условени оставки што ги поднесоа вчера министрите од ДУИ се во фокусот во јавноста. По партиските реакции, потегот на интегративците го коментираат и професори, политичари, аналитичари.
Експратеничката на СДСМ, Солза Грчева и претседателка на партијата „Глас за Македонија“ вели дека поимот „условени оставки“ не постои во Деловниот на Собранието. Според неа, во случајов не може да се каже дека станува збор за оставки, туку за мајтапење со остатоците на правната држава.
- Оставките на ДУИ не можат да бидат условени! Како бивш пратеник кој ги познава законите, ви тврдам дека такво нешто не постои во Деловникот на Собранието каде оставките мораат да ги достават веднаш. Без да поставуваат услови. Исто е и со Законот за Влада. Џентлменската партија ДУИ, која е 100 години на власт би требало да го знае и Уставот кој не познава вакви шерифски постапки и уцени! Затоа, овие „оставки“ не се оставки, туку мајтапење со остатоците на правната држава, напиша Грчева на социјалните мрежи.
Оставките на министрите од ДУИ ги коментираше и професорката, Билјана Ванковска.
- Поднеле оставки - на „кукуво лето“! Притоа, центарот на нивната моќ не лежи во министерските кабинети. Тоа и на врапчињата им е јасно, напиша Ванковска.
Поранешниот министер за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини за потегот на ДУИ напиша: Детски игри на кои никој, освен Ковачевски, не им верува.
- Министрите на ДУИ потпишале оставки кои ќе важат ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени. Дотогаш ќе можат фудбал и кошарка да играат во канцеларијата на „координаторот“, каде, според Ковачевски, можат да прават сè што сакаат. Детски игри на кои никој, освен Ковачевски, не им верува, вели Хајредини.