
Ноември е месец посветен на машкото здравје и подигнувањето на свеста за важноста на превентивните прегледи. Иако многу уролошки проблеми можат успешно да се третираат доколку се откријат навреме, мажите често ги игнорираат првите симптоми, припишувајќи ги на возраста или очекувајќи дека ќе поминат сами од себе.
За најчестите грешки што ги прават мажите, симптомите што не треба да се занемарат, здравјето на простатата и поврзаноста меѓу сексуалното и кардиоваскуларното здравје, разговаравме со проф. д-р Огнен Ивановски, хирург-уролог на Клиника за урологија и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Во интервјуто за Скопје Инфо, тој објаснува кога треба да започнат превентивните прегледи и кои навики можат да помогнат во зачувувањето на машкото здравје.
Која е најчестата грешка што ја прават мажите кога станува збор за уролошкото здравје – што најчесто игнорираат предолго, мислејќи дека „ќе помине само од себе“?
Најчесто мажите ги игнорираат промените во мокрењето, како што се послаб млаз, почесто станување навечер, итност за мокрење или чувство дека мочниот меур не се испразнил целосно. Друг симптом што не треба да се занемари е намалувањето на потенцијата. Овие промени можат да бидат поврзани со различни уролошки состојби.
Многу често мажите велат: „Тоа е од годините, ќе помине“. Но, не треба секоја промена во мокрењето или сексуалната функција да се смета за нормален дел од стареењето. Понекогаш причината е едноставна и лесно се третира, но понекогаш симптомите може да укажуваат и на посериозен проблем. Затоа, најважно е да не се чека симптомите да станат сериозни, туку навреме да се побара совет од уролог. Денес постојат низа конзервативни и оперативни методи со кои може да се олеснат симптомите, да се зачува функцијата на мочниот меур и да се подобри квалитетот на животот.
Ако еден маж нема никакви симптоми и се чувствува здраво, на која возраст сепак треба првпат превентивно да посети уролог и што реално треба да провери?
Препораките се едноставни. Секој маж треба да направи превентивен уролошки преглед со навршување на 50-годишна возраст. Важно е да се напомене дека превентивен преглед подразбира посета на лекар и кога нема никакви симптоми.
Оваа возрасна граница се поместува порано доколку постои наследна оптовареност со карцином на простата, односно ако роднина од прво или второ колено боледувал од оваа болест. Во таков случај, препораката е со превентивните прегледи да се започне на 45-годишна возраст.
Прегледот е едноставен и опфаќа одредување на нивото на туморскиот маркер ПСА (простато-специфичен антиген) во крвта и дигитален ректален преглед. На овој начин може навреме да се откријат сомнителни промени и, доколку е потребно, да се направат дополнителни испитувања. Раното откривање овозможува навремена реакција и значително ги зголемува можностите за успешно лекување.

Кои промени при мокрењето се „нормален дел од возраста“, а кои се знак дека не треба повеќе да се одложува прегледот?
Со возраста, одредени промени во мокрењето се релативно чести. На пример, ослабен млаз, потреба за почесто мокрење и станување еднаш или повеќе пати во текот на ноќта може да се појават како дел од промените поврзани со стареењето, најчесто поради промени во простатата и мочниот меур.
Но, постојат симптоми кои не треба да се припишуваат едноставно на возраста. Нагло и необјаснето слабеење, болки во коските, појава на крв во урината или значително покачен ПСА се знаци поради кои треба навремено да се направи уролошка проценка. Особено важно е да се нагласи: крв во урината не треба да се игнорира, дури и ако се појавила само еднаш и без болка. А покачениот маркер ПСА не значи автоматски карцином, но бара дополнителна проценка според возраста, претходните вредности и клиничката слика. Најважно е мажите да не се самоубедуваат дека „тоа е само од годините“, туку секоја нова или прогресивна промена да ја проверат навреме.
Еректилната дисфункција често се гледа само како сексуален проблем. Колку често таа всушност може да биде прв сигнал дека нешто друго се случува во организмот?
Токму така. Еректилната дисфункција не е само сексуален проблем. Таа може да биде од психогена природа, но кога причината е органска, многу често е поврзана со нарушена циркулација и стеснување на крвните садови. Бидејќи крвните садови на пенисот се помали од коронарните крвни садови на срцето, проблемите со ерекцијата понекогаш може да се појават пред да се манифестира кардиоваскуларната болест. Затоа, кај одредени мажи еректилната дисфункција може да биде ран сигнал за зголемен кардиоваскуларен ризик, па дури и претходник на сериозни кардиоваскуларни настани, како на пример инфаркт. Затоа, не треба едноставно да се прифати како „нормален дел од стареењето“. Еректилната дисфункција може да биде причина да се провери и целокупното кардиоваскуларно здравје.
Да ви дојде пациент и да ви каже: „Докторе, имам 40 години, немам проблеми – што можам да направам денес за на 60 да имам добро уролошко и сексуално здравје?“ – кои три совети би му ги дале?
Би му дал три совети.
Прво, да го чува своето кардиоваскуларно здравје. Тоа значи редовна физичка активност, здрава исхрана, одржување нормална телесна тежина, непушење и контрола на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот. Здравите крвни садови се важни и за добрата ерекција и за сексуалната функција.
Второ, да не ги игнорира промените во сексуалното и уролошкото здравје. Проблемите со ерекцијата понекогаш може да бидат прв знак на кардиоваскуларно заболување. Исто така, крвта во урината, новите или прогресивните проблеми со мокрењето и другите невообичаени симптоми бараат лекарска проценка. Не треба да се срами, ниту да се самолекува со препарати од непроверени извори.
Трето, да ја планира превенцијата индивидуално, особено кога станува збор за простатата. Треба да ја знае семејната историја на карцином на простатата и навреме да разговара со урологот за тестирање на маркерот ПСА. Кај мажите со зголемен ризик, разговорот може да започне уште на 40–45 години, додека кај мажите со просечен ризик обично се разгледува подоцна, зависно од индивидуалните околности и препораките, обично по 50-тата година од животот.
Ако треба да ја сумирам пораката во една реченица: не чекајте да се појави проблем за да почнете да се грижите за своето здравје. Она што го правите денес може да направи значајна разлика за квалитетот на животот на 60 и повеќе години.

Кој мит за машкото здравје најмногу би сакале да исчезне – нешто што мажите постојано го слушаат, го практикуваат или во што погрешно веруваат?
Митот што најмногу би сакал да исчезне е дека за секој проблем со машкото здравје постои некаков препарат што може да се купи на интернет или без лекарски совет, а кој ветува брзо и сигурно решение.
Мажите често земаат различни препарати за потенција или за простата, без да знаат што навистина содржат, дали се безбедни и дали воопшто имаат докажано дејство. Особено се ризични производите што не се соодветно регистрирани и немаат јасно деклариран состав. Некои може да содржат недекларирани активни супстанции и да предизвикаат сериозни несакани ефекти или интеракции со други лекови.
Мојата порака до мажите е: не верувајте на секоја реклама што ја читате на интернет. Информирајте се од проверени извори и разговарајте со вашиот уролог. Не постои универзален препарат што ги решава сите проблеми, а вистинското решение започнува со правилна дијагноза и соодветен третман.
И за крај, би сакал да напоменам дека во рамките на Месецот на машкото здравје, Универзитетската клиника за урологија ќе организира низа активности со цел подигнување на свеста за машкото здравје и важноста на превентивните прегледи.
Во рамките на овие активности, на 2 ноември, Клиниката ќе биде домаќин на меѓународен едукативен настан на кој хирурзи од регионот, од Косово, Албанија и Бугарија, ќе имаат можност непосредно, во живо, да следат неколку хируршки интервенции во областа на реконструктивната урологија. Целта е преку практична обука и размена на искуства овие колеги да стекнат нови знаења и вештини што понатаму ќе можат да ги применуваат во своите матични земји со цел унапредување на грижата за машкото здравје