Тоа беа безгрижни денови: Нинтендо, ластик, народна, Беверли Хилс и училиштето „Скршени срца”

Овој месец размислувам да ги деактивирам сите профили кои ги имам на социјалните мрежи. Ми изгледа како сè повеќе да добивам неважни известувања кои ме одалечуваат од реалноста и од дружењето со моето семејство и пријатели.

Деновиве меѓу сите тие известувања беше и една важна покана за 15 години од матура. Потоа стигна и покана за неформално собирање со другарите од основно училиште. Каков убав мај. Со насмевка ги прифатив и одвај чекам да ги видам моите пријатели од  основно и средно училиште. Ќе видам барем дел од нив.

Почнав да се присетувам на Ема и Тина, најдобрите другарки со кои игравме ластик во 5-то одделение, Кате со која се скаравме за истиот симпатија во 8-мо одделение, Ана која секогаш се грижеше да има правда додека игравме жмурка и народна. Ох, какви убави времиња.

Времиња без грижи во кои најголем проблем ни беше дали ни се скинале хулахопките на враќање од училиште, дали ќе победиме во ластик и дали ни е возвратена љубовта од симпатијата. Гледавме Беверли Хилс, па Училиштето „Скршени срца” и плачевме на Покахонтас. Едвај чекавме да се вратиме дома за гледаме „Млади бунтовници”.  Си кажувавме тајни, се скарувавме и се смирувавме и мислевме дека раните на колената од велосипед се најголемата болка која ќе ја доживееме во животот.

Јас се одалечив многу од своите пријатели од основно и средно. Дел од нив се веќе во други градови и држави, со други пак патиштата ни се раздвоија, но добивајќи ги овие покани, се присетив на толку многу убави спомени.

Навистина беа безгрижни денови. Не им обрнувавме внимание на нашите родители кога ни го зборуваа тоа, бидејќи мислевме дека ќе го смениме светот. Не го сменивме светот, но се сменивме себеси. Станавме постудени, попребирливи и веќе не знаеме да се забавуваме. Барем поголемиот дел од нас.

Мај е месец на матури. На убави спомени. Да ги поминеме со нашите пријатели од училишните клупи. Да се присетиме на убавите денови. Заедно.